Токму со Mokka, германскиот бренд широко ги отвори вратите кон своето ново поглавје. Сега, неколку години подоцна, Opel подготви освежување за Mokka.
Да, токму Mokka беше моделот со кој Opel јавно објави каде всушност сака да оди. Mokka е отелотворение на From Cold to Cool мантрата која ја повторуваат дизајнерите и инженерите на Opel – и има зошто. Кога пред неколку години ја лансираше Mokka, Opel лансираше и целосно нов дух, целосно нов пристап, па дури и целосно нов идентитет.
Сега, денес, неколку години подоцна – време е да зборуваме за освежената Mokka. И всушност, најважното кое го наметнува новата Mokka е дека инженерите и дизајнерите одлично ја завршиле работата „од прва“, како што би рекле ние тука во Македонија.
Дискретни естетски измени
Ајде да започнеме со визуелните измени – а тие се прилично дискретни и ненаметливи. Ако поубаво погледнете, ќе забележите редизајниран преден браник и нов преден и заден светлосен потпис.
Достапни се и неколку нови бои (како на пример одличната Tropical Green на нашиот тестен модел) и неколку нови дизајни на тркалата. Но визуелните измени завршуваат тука – и според нас тоа е Добра Работа, бидејќи на Mokka едноставно не ѝ беа потребни драстични козметички интервенции.
Нови технологии во кабината
Кабината добива нов, надграден инфозабавен систем. Сите верзии сега добиваат 10-инчен централно-поставен екран кој доаѓа со безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување. Пред возачот е поставен дигиталниот инструмент-панел каде се покажуваат информациите околу возењето.
Плус, кабината добива нов управувач со редизајнирани копчиња, добиваме и физички контроли за клима-уредот и едноставно, Mokka е лесна за секојдневно возење и користење. Квалитетот на материјалите е задоволителен и во Mokka се чувствувавме пријатно и комфорно. Просторот на задната клупа не е најдарежливиот во класата, но сепак е доволен за деца.
Немаме забелешки ниту на багажниот простор – бензинската Mokka добива багажник со капацитет од 350 литри, кон кој се пристапува преку голема петта врата. Преклопете ја задната клупа и добивате одлични 1105 литри.
Турбо-бензинец, 130 коњски сили, автоматски менувач
Инаку, нашата Mokka дојде опремена со конвенционален 1.2-литарски турбо-бензинец кој кон предните тркала преку 8-брзински автоматски менувач испорачува 130 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 230 Nm вртежен момент од само 1750 вртежи во минута. Според официјалните податоци забрзува до 100 километри на час за 9.2 секунди и постигнува максимална брзина од 200 километри на час. Повеќе од доволно за компактен, урбан кросовер со примарно семејни должности.
Низ град (и ако сте внимателни) можете да очекувате потрошувачка од околу 8.5 литри на 100 изминати километри.
Лесно е да се живее со Mokka
Инаку, како што веќе напоменавме, Mokka е супер-лесна за секојдневно користење. Лесното серво-управување го прави маневрирањето лесно. Кога ќе го изберете подинамичниот режим на возење управувањето добива нијанса повеќе отпор и реагирањето на притисокот на педалата за гас е „поживо“, па Mokka може да биде и забавна зад управувачот. Океј, серво-управувачот не пренесува многу податоци од подлогата, но од друга страна суспензијата успева прилично добро да го контролира навалувањето во свиоци.
Mokka и понатаму е провокативна, наметлива и самоуверена
И океј, по сето ова, каква е сега Mokka? Па, многу слична на Mokka досега – и повторно, тоа е Добра Работа. Со Mokka и нејзиниот експресивен дизајн, Opel ја интензивираше својата трансформација и со задоволство можеме да кажеме дека и неколку години подоцна, Mokka е подеднакво (ако не и нијанса повеќе) провокативна, наметлива и самоуверена.
Спецификации
Модел: | Opel Mokka 1.2 Turbo 130 AT8 GS |
Мотор: | 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри |
Моќност: | 130 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 230 Nm / 1750 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски, 8 брзини |
Забрзување 0-100 км/ч: | 9.2 секунди |
Максимална Брзина: | 200 километри на час |
Должина: | 4151 mm |
Ширина: | 1987 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1534 mm |
Тежина: | 1295 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2557 mm |
Багажен Простор: | 350 – 1105 литри |
Потрошувачка: | 8.3 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Opel Mokka 1.2 100 Edition MT6 – 21.990 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Opel Mokka 1.2 Turbo 130 AT8 GS – 23.970 Евра |
Повеќе Информации: | Opel.mk |