Sadair’s Spear (ќе го објасниме името) е тркачки-фокусирана и темелно преработена верзија на Jesko, дизајнирана да ги освои тркачките патеки ширум светот.
Океј, ајде прво за името. Веќе знаеме дека Jesko го носи името на таткото на Christian von Koenigsegg – Jesko von Koenigsegg. Но она кое не го знаевме е дека Jesko (човекот, не автомобилот) бил страстен јавач на коњи и џокеј, а коњот кој го јавал на неговата последна трка во сега веќе навистина далечната 1976-та година се викал Sadair’s Spear.
Јасно? Супер. Sadair’s Spear е изграден врз основата на Jesko, односно верзијата Jesko Attack која веќе е поориентирана кон тркачките патеки. Но Sadair’s Spear добива уште поагресивен аеро пакет и продолжен заден дел со редизајнирани отвори за воздух со цел да се подобри ладењето на моторот.
А кога сме кај моторот, 5-литарскиот твин-турбо V8 е тјуниран да испорачува дополнителни 20 коњски сили. Незначително, со оглед на тоа дека сега испорачува вкупно 1300 коњкси сили, односно 1625 коњски сили кога користи 85% етанол и 15% бензин. Истовремено, Sadair’s Spear е и 35 килограми полесен и сега тежи само 1320 килограми.
Силата се пренесува кон задните тркала, кои се со димензии 335/30-21, додека предните се со димензии 275/35-20. Стандардно се обвиени во Michelin Pilot Cup 2, а може да добиете уште полепливи Cup 2 R. Секако, преработени се и сопирачките и многу други компоненти во автомобилот.
Супер, каде да нарачате? Епа, доцните. Koenigsegg веќе го покажал Sadair’s Spear зад затворени врати на потенцијалните купувачи и „инстантно“ нашле клиенти за екстремно-лимитираната серија од само 30 примероци.