Целосно-електричен, тотално радикален и многу, многу моќен – Concept AMG GT XX има повеќе од 1000 kW, односно повеќе од 1360 коњски сили!
Три моќни електромотори, голема батерија, преку 1360 коњски сили и… Звучници во фаровите? Океј, океј, ова е концепт – и иако е „само концепт“, од Mercedes-AMG кажуваат дека технологиите кои се прикажани се всушност подготвени за сериско производство и ќе стигнат кај идните модели базирани на AMG Electric Architecture (AMG.EA) платформата.
Изгледот на GT XX е интересен – и во најмала рака поларизирачки. Нема да биде за секого, ама па не ни треба да биде. Дизајнерите на Mercedes-AMG свесно евоцираат спомени на легендарниот C111, особено кај препознатливата портокалова боја. Сепак, препознаваме современи – и многу, многу кул – елементи, како на пример LED задните светла.
Дизајнерите на Mercedes-AMG се горди на своето дело – коефициентот на отпор на воздухот е само 0.198. И секако, за да се постигне тоа, искористени се интересни технолошки решенија. Сакате пример? Има активна аеродинамика дури и во тркалата – аеро капаците се исфрлаат нанадвор кога е потребно подобро ладење на сопирачките, или пак подобра оптимизација на струењето на воздухот. До каде стигнавме?
Кабината добива карбонски седишта кои ќе бидат специјално изработени за секој купувач. Интересно, материјалот со кој се обложени седиштата се добива од рециклирани GT3 тркачки пневматици! Па има ли подиректна врска со мотороспортот, од седење на седиште изработено од тркачки гуми?
Инаку, GT XX е поставен на моќна 800-волтна архитектура и добива супер-напредна батерија која може да се полни со максимални 850 kW. Според Mercedes-AMG, 400 километри домет се дополнуваат за околу 5 минути. Силата од батеријата се испорачува преку две електрични погонски единици кои имаат вкупно три електромотори – два на задните тркала и еден на предните. Вкупната моќност е „повеќе од 1000 kW, односно 1360 коњски сили“. Машала!
А да, бидејќи автомобил на AMG мора да звучи добро, инженерите поработеле и на тоа, па во предните светла се вградени звучници кои би требало да емитираат моќен, препознатлив звук. Како AMG V8 значи? Може.