Од денес во салонот на Lynk & Co во Скопје се изложени два новитет – освежениот, плаг-ин хибриден 01 и целосно-електричниот 02.
Освежениот 01 добива внимателно затегнат дизајн со дискретни козметички зафати, но и темелно освежена и технолошки-надградена кабина.
Најзабележителен новитет е огромниот 15.4-инчен инфозабавен систем кој доаѓа со нов оперативен систем и моќен хардвер задолжен за задвижување на сета технологија во автомобилот. Системот има и целосно 5G поврзување, а може да функционира и како Wi-Fi хотспот.
Плаг-ин хибридниот погон сега доаѓа со уште понапреден и поефикасен систем. Системски испорачува 280 коњски сили и 535 Nm вртежен момент, и може да помине до 75 километри на струја, пред воопшто да се вклучи бензинскиот мотор. Освежениот 01 е достапен во две изведби, наречени едноставно Core и More.
Вториот новитет е целосно-електричниот 02, кој ние имавме можност да го запознаеме на почетокот на годината на европската презентација во Словенија. Уште при првиот контакт, целосно-електричниот кросовер на Lynk & Co ни остави навистина одличен впечаток. Визуелно, 02 навистина не наликува на ниту еден друг автомобил на пазарот, а истовремено е веднаш-препознатлив како Lynk & Co.
Поставен е на напредна 400-волтна архитектура и добива батерија со капацитет од 66 kWh. Електромоторот испорачува 272 коњски сили и 323 Nm вртежен момент, а притоа 02 може да помине околу 430 километри во комбинирани услови, односно скоро 600 километри во град. Како и 01, и 02 е достапен во две нивоа на опрема – Core и More.
Секако, и 01 и 02 наскоро ќе пристигнат на потемелно тестирање, па ќе ги пренесеме нашите впечатоци.