Виена беше домаќин на овогодинешниот AUTOBEST гала настан, а конференцискиот центар на виенскиот аеродром беше епицентар на наградите кои ја претставуваат цела Европа.
Гала настанот на AUTOBEST жирито повторно на едно место ги собра највлијателните личности во автомобилската индустрија. Како и досега, и на ова 24-то издание на AUTOBEST наградите, членовите на жирито беа домаќини на челниците на автомобилската индустрија и беа прославени добитниците на најпрестижните награди во индустријата. Меѓу другите гости, присутен беше и Денис ле Вот кој е на чело на Dacia и ја прими наградата за AUTOBEST – Најдобар Автомобил за Парите во Европа за 2025, а дел од настанот беа и Арно Белони од Renault, Стефан Зилаф од Zeekr и Lynk & Co и Алфредо Алтавила кој е специјален советник на BYD за Европа.
Од следната година, AUTOBEST воведува интересен новитет кој го нарекуваат AUTOBEST Conquest Show. Со Conquest Show, жирито сака да ја сподели моќта на гласањето за Best Buy Car of Europe со луѓето од Европа – а со тоа околу 650 милиони луѓе ќе можат да гласаат не само за најдобриот автомобил во Европа, туку и за три нови награди кои жирито ги воведува – Најдобар Дизајн, Најдобра Технологија и Најдобро Корисничко Искуство.
Годинава, покрај Best Buy Car of Europe за 2025 наградата која отиде кај Dacia Duster, беа доделени уште неколку признанија. COMPANYBEST признанието отиде кај кинескиот гигант BYD. MANBEST отиде кај Арно Белони од Renault, додека DESIGNBEST отиде кај главниот дизајнер на групацијата Geely, но и Zeekr и Lynk & Co – Стефан Зилаф. Признанијата ЅВЕЗДА СЕ ВРАТИ им беа доделени на Lancia, но и на Renault 4 и Renault 5. TECHNOBEST признанието го доби хибридниот систем AUROBAY. SPORTBEST признанието отиде во рацете на легендарниот Walter Rohrl, ECOBEST отиде кај Renault 5 E-Tech Electric и конечно, SMARTBEST отиде кај Stellantis за интеграцијата на ChatGPT во нивните автомобили.
AUTOBEST жирито ги претставува сите земји во Европа, а член на AUTOBEST од Македонија е нашиот колега Крумислав Барзов. Им честитаме на уште една успешна година, а им честитаме и на сите победници.