Инженерите на Stellantis трошат четвртина од работното време на усогласување со европските регулативи – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Инженерите на Stellantis трошат четвртина од работното време на усогласување со европските регулативи

Во интересна изјава за Automotive News Europe, еден од челниците на Stellantis изјави дека инженерите на автомобилскиот гигант трошат навистина многу време на усогласување со европските закони.

Ако мислите дека е лесно да се биде автомобилски инженер – не е. Еден пример за тоа се токму строгите европски закони кои се однесуваат на издувните гасови, бучавата, безбедноста и другите аспекти на автомобилите. Ваквите закони не само што ги зголемуваат цените на автомобилите, туку и бараат навистина многу време.

John Elkann, еден од челниците на Stellantis во изјава за Automotive News Europe кажа дека инженерите кои работат за гигантот трошат повеќе од една четвртина од своето работно време за да бидат сигурни дека возилата се усогласени со строгите ЕУ регулативи. „Ако ги погледнете нашите инженери, повеќе од 25% од нивното време е одвоено на работа на усогласување, па никаква вредност не е додадена.“

И (како што би рекле на телевизиските продавници) – тоа не е сè. До крајот на оваа деценија, автомобилите кои се продаваат во Европа ќе мораат да исполнат уште околу 120 нови регулативи. Најголемиот предизвик е намалување на флотната емисија на штетни гасови – во моментов просекот кој се наметнува е 93.6 грама CO2 – процент кој е веќе 15% понизок од минатиот стандард, а од 2030 до 2034 просечната емисија на штетни гасови ќе треба да се намали на 49.5 грама CO2 на изминат километар.

Дополнително, Elkann напоменува дека токму поради ваквите регулативи, веќе скоро и да нема поевтини возила на пазарот – во 2019 ширум Европа биле продадени повеќе од еден милион возила кои чинеле помалку од 15.000 Евра. Во 2024 таа бројка паднала на околу 100.000. Elkann кажува дека Европа треба да извлече искуство од Јапонија и Kei возилата. „Нема причина зошто ако Јапонија има Kei Car, Европа да нема E-Car.“ – изјави тој.

Поврзано:  Дали поранешниот CEO на Seat и Cupra ќе застане на челото на Stellantis?

На истава тема неодамна зборуваше и поранешниот извршен директор на Renault, Luca de Meo кој директно ја истакна потребата за мали, достапни возила. „Секојдневно да се вози електрично возило кое тежи 2.5 тони е глупост.“ – кажа de Meo.

Мораме да се согласиме.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.