Volvo неодамна го освежи знаменосецот на својата SUV гама, за големиот SUV и понатаму да биде интересен за купувачите. Па што е сега XC90?
Големите, луксузни SUV модели се интересен феномен на нивното време. Настапуваат самоуверено и гордо (па некои дури и дрско) и релативно лесно ги наоѓаат своите купувачи. И океј, лесно е да се разбере зошто се интересни за купувачите, па дури и за оние кои не можат да си ги дозволат – скоро секогаш имаат моќни погони, најнова и најсовремена технологија, но истовремено се и статусен симбол. „Видете ме, успеав.“
Volvo пристапува малку поинаку кон нештата
Но вистината е дека Volvo пристапува кон работите малку поинаку. Како тоа? Па ако директните германски конкуренти настапуваат моќно, па дури и малку вулгарно, Volvo истапува посмирено, порезервирано.. Подостоинствено.
И да, втората генерација на XC90 е на пазарот веќе 10 години. Но тоа не значи дека инженерите и дизајнерите на Volvo седеле со скрстени раце – напротив, тие веќе 10 години континуирано работат на усовршување на големиот SUV. Малите (и не толку малите) подобрувања низ годините резултираат со она за кое ќе зборуваме денес – а тоа е XC90 и неговиот моќен плаг-ин хибриден погон.
Второ освежување, дискретни визуелни измени – бидејќи поинакви не ни беа потребни
Всушност, ова е второ освежување за XC90. Визуелните измени се прилично дискретни – XC90 добива редизајнирана предница со нова предна решетка и нови LED предни светла, како и редизајниран преден браник. Визуелните измени на предниот дел не се преагресивни, но се доволни за XC90 да делува навистина освежено.
Профилот е неизменет, а задниот дел добива нови (суптилно затемнети) задни светла. Секако, големиот SUV добива и неколку нови бои како и редизајнирани тркала, но во суштина – тоа е тоа.
И тоа е Добра Работа. На XC90 едноставно не му беа потребни драстични хируршки зафати – неговиот чист дизајн се докажа дека е безвременски. Едноставно, изгледа привлечно, каде и да се појави. Дали нешто не ни се допаѓа? Па најверојатно тоа би била црно-на-црно комбинацијата. XC90 заслужува боја која ќе ги истакне неговите чисти и привлечни линии.
Освежена кабина – нов инфозабавен систем, нови материјали
Дискретно е освежувањето и во кабината, каде најмногу внимание е дадено на 11.2-инчниот централно-поставен мултимедијален уред кој сега доаѓа со Android оперативен систем. Секако, не е само тоа – во кабината има повеќе место за складирање ситници, а добива и редизајнирани отвори за вентилација и некои нови површини, подобрена звучна изолација и уште неколку ситни измени.
Седењето во XC90 е високо, но не превисоко. Се чувствувате како да сте во SUV, а не на SUV. Седиштата се бескомпромисно комфорни, возачката позиција е одлична и прегледна, а во кабината преовладува чувство на просторност и комфор.
Повеќе од доволно простор имаат патниците на задната клупа, но и патниците во третиот ред. А да, XC90 може да се добие само како SUV со 7 седишта. Седумте седишта не им се потребни на сите, но кога не се потребни едноставно се преклопуваат во подот, а во оние моменти кога се потребни – ништо не може да ги замени.
Моќен и ефикасен плаг-ин хибриден погон
Она кое вреди да се напомене е дека Volvo веќе нема турбодизел во својата понуда – XC90 може да се добие само со моќен електрифициран турбо-бензински погон, или пак како плаг-ин хибрид. И токму со тој погон беше опремен и нашиот тестен модел.
Погонот комбинира 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 310 коњски сили при 6500 вртежи во минута и 400 Nm од 3000 вртежи во минута, со електромотор кој испорачува дополнителни 145 коњски сили и 309 Nm вртежи во минута. Електромоторот се напојува од батерија капацитет од 19 kWh.
Според официјалните податоци, во градски услови XC90 T8 може да помине до 89 километри на батерии, пред воопшто да треба да се вклучи бензинецот. Ние успеавме да поминеме нешто повеќе од 70, а тоа е навистина импресивно. Батеријата е поставена во централниот тунел и се полни преку ноќ, додека на побрз полнач се полни за околу 5 часа. Значи повторно, преку ноќ.
Бензинецот ги задвижува предните тркала, додека електромоторот е задолжен за задните. Достапни се неколку режими на работа – Pure, Hybrid и Power. Во Pure режим, XC90 вози исклучиво на струја, и тогаш возењето е мирно и тивко – токму какво што и му прилега на еден премиум SUV. Во Hybrid режим системот самиот одбира кога да го преферира возењето на струја, кога на бензин а кога да ги користи двата мотори. Во Power режим, системот ги испорачува максималните 455 коњски сили и 709 Nm вртежен момент, и тогаш големио SUV катапултира нанапред со уверливост која едноставно не ја очекуваме. 100 километри на час пристигнуваат за само 5.4 секунди, а забрзувањето е неуморно сè до максималните (и електронски ограничени) 180 километри на час.
Комфорот е суверено на првото место
Секако, огромна улога во комфорот игра и воздушната суспензија на XC90, која е дел од стандардната опрема. XC90 успева да „лебди“ над нашите улици, но истовремено не се чувствува одвоен од нив. Тркалата лесно ги надминуваат и најголемите нерамнини и само навистина остри несовршености пренесуваат некакви вибрации во кабината. Од друга страна, дури и од свиок во свиок, иако има одредено навалување, сепак во кабината работите остануваат прилично мирни и достоинствени.
И всушност, би рекле дека токму кабината е најважната точка за дискусија кај XC90. Почнувајќи од врвните материјали и беспрекорната завршна обработка, па сè до огромниот стаклен кров, маестралниот Bowers & Wilkins аудио уред и малиот милион „шведски“ ситници кои навистина ја прават разликата, прекрасно е да се поминува време во кабината на XC90
Заклучок?
И токму тоа нè носи до одговорот на прашањето кое го поставивме. Што е, а што не е XC90? Ќе го одговориме по обратен редослед – XC90 не е вулгарен, не е „викачки“ SUV. XC90 е достоинствен и самоуверен. Какви што треба да бидат и неговите купувачи. Кој разбра, разбра.
Спецификации
Модел: | Volvo XC90 T8 PHEV Ultra Dark |
Погон: | 2-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри Електромотор + Батерија |
Моќност: | МВС: 310 коњски сили / 6500 вртежи во минута ЕМ: 145 коњски сили Системски: 455 коњски сили |
Вртежен Момент: | МВС: 400 Nm / 3000 вртежи во минута ЕМ: 309 Nm Системски: 709 Nm |
Менувач: | Автоматски, 8 брзини |
Забрзување 0-100 км/ч: | 5.4 секунди |
Максимална Брзина: | 180 километри на час |
Должина: | 4953 mm |
Ширина: | 2140 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1767 mm |
Тежина: | 2227 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2984 mm |
Багажен Простор: | 262 – 668 – 1959 литри |
Потрошувачка: | 2.4 литри на 100 километри (измерена, градска, со полна батерија) |
Цена на основниот модел: | Volvo XC90 B5 Core – 78.990 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Volvo XC90 T8 PHEV Ultra Dark – 109.900 Евра |
Гаранција: | 2 години, без лимит на километрите 8 години / 160.000 км на батеријата |
Повеќе Информации: | Volvo Македонија |