ПРЕМИЕРА: Освежениот Aygo X е првиот целосен хибрид во сегментот – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Освежениот Aygo X е првиот целосен хибрид во сегментот

Малите градски автомобили стануваат хибридни – а со тоа и значително поефикасни. Toyota го претстави освежениот Aygo X.

Toyota игра на картата дека останатите мали автомобили се или со конвенционален бензински мотор, или со лајт-хибриден погон, или пак целосно електрични – но ниту еден конкурент не нуди целосно-хибриден градски автомобил.

И токму затоа, Toyota одлучи да го исфрли 1-литарскиот атмосферски бензинец кој досега се нудеше во Aygo X и да го замени со 1.5-литарски хибриден погон кој веќе се нуди во Yaris и Yaris Cross. Хибридниот погон ја пренесува силата кон предните тркала преку CVT менувач, а испорачува 116 коњски сили – цели 44 коњски сили повеќе од бензинецот. Според Toyota, Aygo X ќе може да забрза до 100 километри на час за помалку од 10 секунди.

Инаку, освежениот Aygo X има значително поагресивен лик од неговиот претходник. Веднаш забележуваме редизајнирани браници и нови предни светла, како и голема предна маска. Плус, достапни се и неколку нови бои и нови дизајни на тркалата. Кабината добива нов 7-инчен панел со инструменти, редизајнирани контроли за клима-уредот, безжичен полнач за мобилен телефон и два USB-C приклучоци. Aygo X го задржува 9-инчниот инфозабавен панел, но и тој е надграден.

Истовремено, Toyota претстави и GR Sport варијанта од освежениот Aygo X. Оваа верзија ќе се нуди во Mustard двобојна комбинација со црн преден поклопец. Дополнително, добива редизајнирана предна маска и GR Sport тркала. Кабината добива спортски детали, GR Sport ознаки и уште неколку ситници. Инженерите на Toyota најавуваат дека Aygo X GR Sport ќе има и специјално прилагодени амортизери и рекалибрирано управување за повеќе уживање во возењето.

Со освежувањето на Aygo X, целата понуда (освен Land Cruiser) на Toyota е хибридна. И уште еднаш – не е Ајго Икс, туку Ајго Крос.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.