Zagato заедно со Bovensiepen го претставија еклсузивниот гренд турер базиран на спортскиот BMW M4.
Моделот е прв проект на браќата Andreas и Florian Bovensiepen кои се синови на основачот на Alpina, покојниот Burkard Bovensiepen.
Каросеријата е речиси целосно карбонска, со повеќе од 400 нови компоненти и препознатливи елементи на Zagato, како што е специфичниот „double-bubble“ покрив. Предниот дел е видно изменет и не ја содржи класичната бубрежна маска на BMW, додека задниот дел добива суптилен интегриран спојлер.
Внатрешноста останува во духот на BMW, со рачно изработена Lavalina кожа и можност за индивидуализација на боите и материјалите. Седиштата се редизајнирани а внатрешниот амбиент е инспириран од класичните модели на BMW и Alpina.
Под хаубата се наоѓа подобрена верзија на 3-литарскиот шестцилиндричен мотор со два турбополначи, кој испорачува 611 коњски сили и 700 Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае само 3,3 секунди, а максималната брзина надминува 300 км/ч. За подобрени перформанси се користат специјални Bilstein амортизери и титаниумски издувен систем од Akrapovič.
Производството ќе биде строго ограничено а испораките ќе започнат кон средината на 2026 година. Цената не е објавена, но секако очекуваме да биде изразена во неколку стотици илјади евра.