Челниците на Stellantis и Renault – John Elkann и Luca de Meo – побараа од Европската Унија да ги олесни правилата за мали автомобили за да се избегне потенцијално затворање на фабрики во Европа.
Претседателот на Stellantis и извршниот директор на Renault ја повикаа Европската Унија да усвои поповолни правила за малите автомобили, предупредувајќи дека намалената профитабилност на малите автомобили може да доведе до затворање на фабрики.
Во заедничко интервју за францускиот весник „Ле Фигаро“, Elkann и de Meo рекоа дека Франција, Италија и Шпанија треба да го предводат напорот бидејќи побарувачката за помали, попристапни автомобили е највисока во овие земји. Сепак, тие не дадоа конкретни детали околу правилата кои би сакале да се применат за малите автомобили.
„Она кое го бараме е засебна регулатива за помалите автомобили. Постојат премногу правила дизајнирани за поголеми и поскапи автомобили, што значи дека не можеме да произведуваме помали автомобили во прифатливи услови на профитабилност“- рече de Meo.
Тој додаде дека Renault и Stellantis (кои имаат комбиниран пазарен удел од 30 проценти во Европа) првенствено се фокусирани на производство на прифатливи автомобили во Европа, наменети за европските потрошувачи.
Дополнително Elkann нагласи дека продажбата на автомобили во ЕУ е на катастрофално ниво и рече дека постоењето специфични регулативи за помали автомобили е стратешко прашање.
„Со ова темпо, ако траекторијата не се промени, ќе мора да донесеме некои болни одлуки за нашата производствена база во следните три години“ – рече тој.
Извор: Le Figaro преку Automotive News Europe