ПРЕМИЕРА: Citroën го претстави новиот знаменосец, целосно-новиот C5 Aircross! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Citroën го претстави новиот знаменосец, целосно-новиот C5 Aircross!

Францускиот бренд го претстави својот нов знаменосец, моделот кој ќе го предводи во годините кои доаѓаат – запознајте го целосно-новиот Citroën C5 Aircross!

Новиот знаменосец на Citroën воведува неколку новитети за брендот. За почеток, новиот C5 Aircross е првиот модел на Citroën кој ја користи STLA Medium платформата на Stellantis – платформа која веќе ја користат неколку други модели од портфолиото на концернот и која овозможува да се користат конвенционални бензински, хибридни, плаг-ин хибридни или пак целосно-електрични погони.

Но она кое веднаш го забележуваме е новиот дизајн на C5 Aircross. Новиот C5 Aircross изгледа безмалку исто како концептот кој Citroën го покажа во Октомври минатата година. Секако, C5 Aircross е најновата интерпретација на дизајнерскиот јазик на Citroën (кој дебитираше кај новиот C3, за потоа да го видиме и кај C3 Aircross и освежените C4 и C4 X), но истовремено тој пристап го турка во нови екстреми.

Каросеријата е дизајнирана со силен фокус на аеродинамиката, а ни се допаѓаат предните светла, чистиот профил и интересните, нагласено тридимензионални задни LED светла. Од Citroën напоменуваат дека ќе бидат достапни тркала со дијаметар до 20 инчи, но и дека растојанието од подлогата е одлични 200 милиметри.

Интересна револуција се случува во кабината. Секако, и тука пристапот е C-Zen Lounge, но на едно сосем поинакво, повисоко ниво. Пристапот е сличен како кај новите C3 и C3 Aircross, но сепак, интерпретацијата е уште поинтересна. На арматурнатата табла е поставен огромен закосен екран, за кој од Citroën кажуваат дека е „најголемиот централно-поставен инфозабавен дисплеј кој некогаш бил понуден од некој од брендовите на Stellantis“. Под него се поставени физички копчиња за некои од функцоналностите, а пред возачот има уште еден, 10-инчен екран, како и голем хед-ап дисплеј.

Поврзано:  ВОЗЕВМЕ: Во Шпанија го возевме целосно-новиот Citroën C3 Aircross

Инженерите и дизајнерите на Citroën користеле меки, пенести материјали за обвивање на кабината, со што таа добива чувство на комфор и релаксираност. Секако, тука се неизбежните супер-комфорни Citroën Advanced Comfort седишта и на одредени модели предните седишта добиваат загревање, вентилација и масажа.

Седиштата на задната клупа се со прилагодлив наслон, а во зависност од опремата, можат да имаат и загревање. Багажниот простор е со капацитет од одлични 651 литар, без разлика од погонот. Дополнително под подот во багажникот има дополнителни 75 литри, како и 40-тина литри низ кабината.

Како што напоменавме, C5 Aircross ќе биде достапен со неколку различни погонски опции. Достапни ќе бидат две целосно-електрични изведби кои ќе ја носат ознаката e-C5 Aircross. Едната ќе има батерија со капацитет од 73 kWh, електромотор од 210 коњски сили и максимален досег до 520 километри.

Втората опција е со батерија со капацитет од 92 kWh, помоќен електромотор од 230 коњски сили и автономија до импресивни 680 километри. Понатаму, ќе биде достапна плаг-ин хибридна варијанта која ќе може да помине до 100 километри на струја, како и хибридна верзија со 145 коњски сили за која Citroën кажува дека може да помине до 50% од времето во целосно-електричен режим, во одредени услови.

Новиот C5 Aircross се очекува да пристигне на пазарот до крајот на оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.