ТЕСТ: Porsche Macan 4S Electric – Супер-SUV за секој ден! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Porsche Macan 4S Electric – Супер-SUV за секој ден!

Ако мислите дека 911 е најважниот модел во портфолиото на Porsche – грешите. Да, 911 е иконскиот модел и моделот за кој сите сонуваме, но Cayenne и Macan се моделите кои „ја плаќаат струјата“ во Porsche. Па со струјата на ум, ајде да зборуваме за новиот, електричен Macan.

И за да објасниме зошто токму Macan е најважниот модел во портфолиото на Porsche, да ги разгледаме продажните резултати од минатата година. Во 2024, дури 82.795 примероци биле испорачаи. Од нив, нешто повеќе од 64.000 биле од постариот Macan (да, оној со мотор со внатрешно согорување), додека останатите биле од новиот, електричен Macan. Cayenne се продал во повеќе од 100.000 примероци, додека 911 бил продаден во нешто над 50.000 примероци. Boxster и Cayman се продадени во скоро 24.000 примероци.

И сега – имајќи го вистинскиот контекст предвид – знаеме зошто всушност Macan е толку значаен за Porsche. Електричен или бензински, постар или понов – Macan е Важен Aвтомобил.

Платформа, батерија, моќ

Новиот Macan е првиот модел на Porsche базиран на PPE платформата. PPE (односо Premium Platform Electric) е новата платформа во рамките на Volkswagen групацијата наменета за премиум електрични автомобили.

Сржта на оваа платформа е нова, огромна батерија со капацитет од 100 KWh (и истата се користи за сите верзии на електричниот Macan), односно достапни 95 kWh. Батеријата дозволува DC полнење на 800 или 400 волти, односно полнење со максимални 270 kW. Интересно е што во зависност од режимот на полнење, системот може да ја „подели“ батеријата и да ја полни како две 400-волтни, што пак овозможува брзо полнење на 400-волтни полначи. Преведено во идеален временски интервал, тоа значи дека со пристап до доволно брз полнач, полнењето од 10 до 80% трае 20-тина минути. Преведено во досег, тоа значи дека дополнителни 250 километри се полнат за само 10 минути. Импресивно.

Во зависност од изведбата која ќе ја изберете, можете да очекувате меѓу 340 и 639 коњски сили. Основната верзија е со еден електромотор и погон на задните тркала, сите други верзии се со два електромотори и погон на сите четири тркала. Досегот варира од импресивни 641 километар за Macan, па сè до (ништо помалку импресивни) 591 километар за Macan Turbo. Во идеални услови, нормално.

Денес ќе зборуваме за Macan 4S. Како што името сугерира „нашиот“ Macan е со погон на четири тркала и во самата средина на понудата. А што значи тоа? Тоа значи 448 коњски сили, односно дури 516 коњски сили и 820 Nm вртежен момент при Launch Control. Кога сме кај Launch Control – забрзувањето до 100 километри на час трае само 4.1 секунда. Максималната брзина е 240 километри на час. Доколку сте екстремно, супер-дупер внимателни со десното стапало, според официјалните мерења можете да очекувате автономија до нешто над 600 километри во градски услови. Ние го возевме Macan на не баш супер-дупер внимателен начин, па успеавме да измериме автономија од околу 450 километри во урбано возење, односно околу 350 километри на отворено.

Поврзано:  Ексклузивна промоција на целосно-електричниот Porsche Macan

Новиот Macan и понатаму изгледа како Macan

Инаку, дизајнот веднаш јасно кажува за што се работи. Новиот, електричен Macan и понатаму изгледа како Macan, но интерпретацијата е поедноставена (во насока на аеродинамиката, секако) и значително осовременета. На предниот дел вниманието оди кон дневните светла кои се високо поставени, додека конвенционалните светла се ставени пониско (и во суштина се скриени) во страниците на браникот.

Профилот е низок и купеовски, а големите тркала одлично ги исполнуваат крилата. Предните и задните крила се исфрлени, а тоа пак на Macan му дава динамичен, мускулест, „набилдан“ став. Приказната за дизајнот ја завршуваме со задниот дел и трендовскиот едноделен светлосен елемент кој ја (повторно) го нагласува мускулестиот став на Macan.

Сè на сè – новиот Macan изгледа уверливо и моќно. Сепак, ако ние бираме, најверојатно би го одбрале во некоја похрабра боја (Papaya Metallic е одличен избор) и со RS Spyder тркала во Vesuvius Gray боја.

Супер-современа кабина

Porsche инвестираше многу во дигитализацијата. На некои тоа нема да им се допадне, но вистината е дека на современата платформа ѝ одговараат и модерните технологии. Веднаш по влегувањето се забележува огромниот закривен екран поставен пред возачот. Тој се прилагодува во неколку режими на работа и на него се прикажуваат најважните информации околу возењето. Веднаш до него на арматурната табла е поставен големиот екран наменет за повеќето мултимедијални функционалности, нагодувањата и навигацијата, додека пред совозачот има уште еден екран за истата намена. Дали е потребен? Па, најверојатно не, но дали е интересен – апсолутно!

Веднаш под централниот екран се отворите за вентилација, а под нив се наоѓа и безжичниот полнач за мобилен телефон. Под него се наоѓаат и контролите за клима уредот кои се делумно физички, а делумно достапни преку панел чувствителен на допир.  Горе, врз арматурната табла е „часовникот“ од Sport Chrono пакетот.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Porsche 911 Spirit 70 се навраќа на диско ерата од минатиот век

Возачот и совозачот ќе уживаат во прекрасните спортски седишта кои се нагодуваат во сите можни насоки, а (секако) бидејќи зборуваме Porsche, материјалите и завршната обработка се беспрекорни. Ако веќе треба на нешто да забележиме, најверојатно ќе забележиме на пијано-црната пластика на некои површини во кабината која (како и секогаш) е вистински магнет за прашина и отпечатоци од прсти.

Инаку, се седи ниско, спортски. Прегледноста е генерално добра, освен кон задниот дел, но затоа тука се камерите и сензорите за да го олеснат паркирањето. Просторноста на задната клупа е во рамките на очекуваното – ова не е Голем SUV. Но затоа и задните патници добиваат седишта обвиени во супер-мека кожа, како и загревање на седиштата и засебни контроли за двете засебни зони за климата на задните седишта.

Добиваме и прилично голем багажен простор. Со исправени задни седишта багажникот е со капацитет од 540 литри, додека предниот багажник (прагажник?) е со капацитет од 84 литри, повеќе од доволно за каблите за полнење и други ситници. Вкупниот капацитет (со преклопена задна клупа) е одлични 1348 литри.

А зад управувачот?

И сега доаѓаме до оноа вистинското прашање. Дали новиот Macan е вистинско Porsche? Одговорот може да биде краток и можеме да кажеме едноставно – да. Но одговорот може да биде и подолг, и аргументирано да објасниме зошто е тоа така.

Секако, Porsche веќе има огромно искуство добиено од електричниот Taycan (кој веќе добро го познаваме и го возевме освежениот Taycan минатата година во Хрватска) и сето тоа искуство и сето тоа знаење го има преточено и во Macan. И резултат на сето тоа е автомобил кој не само што е разорувачки брз на правец (а верувајте, е), туку е и изненадувачки способен кога патот ќе стане кривулест. Од свиок во свиок, системот ја прераспоредува сета онаа достапна моќ токму онаму каде е најпотребна и Macan едноставно катапултира од една кривина кон друга.

Да, во ред, ова е автомобил кој тежи (не баш незначителни) 2345 килограми, но адаптивната воздушна суспензија безмалку магично го контролира навалувањето во свиоци. Резултат на сето ова е контролирано движење во сите услови и се забележува дека платформата е „тјунирана“ повеќе кон забавното возење. Дури и управувањето е изненадувачки комуникативно, па и влева доверба во можностите на Macan, но и станува прогресивно потешко како што одиме од нормално возење во Sport, па и во Sport+.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Porsche 911 Spirit 70 се навраќа на диско ерата од минатиот век

A кога сме кај режимите за возење, како што одите во поспортски режими, така и каросеријата се спушта поблиску до подлогата, а суспензијата станува поцврста и подинамична. Но истовремено, инженерите на Porsche намерно одлучиле да дозволат малку контролирано навалување на каросеријата во свиоци, со цел подобро да се почувствува што точно се случува со автомобилот.

И при поентузијастичко влегување во свиоци, навистина добро знаете што се случува – Macan прво контролирано зализгува со задниот дел, за кога ќе „зграби“ да катапултира нанапред со сета моќ која ја има на располагање.

И дали е вистинско Porsche? Па по сето ова – да, секако!

Добро, и по сето ова, каков е заклучокот? Дали Porsche презема некаков ризик? Па одговорот е да, секако. Секој нов модел е ризик. А замената на докажан, успешен модел со мотори со внатрешно согорување со целосно-нов модел кој истовремено е и целосно-електричен е дополнително ризична одлука. Но вистината е дека Porsche ретко кога греши. Кога го претстави Taycan, успеа да наметне една сосем поинаква дискусија. Сега со Macan се впушта во сегмент кој веќе е супер-компетитивен, но сепак, Macan е Porsche.

Како што обично бидува, хејтерите ќе хејтаат. Но Porschе со Taycan веќе докажа дека знае да направи моќен, уверлив и забавен електричен автомобил. Сега повторно го прави тоа, но со модел кој покрај тоа што е моќен, уверлив и забавен, знае да биде и практичен за секојдневно користење. А 500 коњски сили за секој ден воопшто не се лоша работа. ;)

Спецификации

Модел: Porsche Macan 4S
Погон: Два електромотори, батерија 100 kWh, пренос кон сите четири тркала
Моќност: 448 коњски сили
516 коњски сили при Launch Control
Вртежен Момент: 820 Nm
Менувач: Автоматски, директен
Забрзување 0-100 км/ч: 4.1 секундa
Максимална Брзина: 240 километри на час
Должина: 4784 mm
Ширина: 2152 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1622 mm
Тежина: 2345 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2893 mm
Багажен Простор: 540 – 1384 литри
84 литри преден багажник
Автономија: 612 километри според WLTP
450 километри (измерени)
Цена на основниот модел: Porsche Macan 4S Electric – 101.481 Евра
Цена на тестираниот модел: Porsche Macan 4S Electric – 136.752 Евра
Гаранција: 3 години
Повеќе Информации: Porsche.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.