ПРЕМИЕРА: Ова е целосно-новиот Mercedes-Benz CLA – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ова е целосно-новиот Mercedes-Benz CLA

Ова е целосно-новиот CLA – доаѓа со нова платформа, нови технологии, нов дизајн, нов целосно-електричен или хибриден погон и… И не ли е доволно?

Дизајнот на новиот CLA е директно базиран на Concept CLA кој Mercedes-Benz го претстави уште во 2023-тата година. Интересно, светлата се целосно издвоени од предната решетка, но се споени во едноделен светлосен елемент. Кај електричната верзија, предната решетка е осветлена со дури 142 индивидуални LED елементи, а кај секоја верзија трокраката ѕвезда може да се забележи во фаровите.

Силуетата е ниска и флуидна, со силен фокус на аеродинамичноста. Новиот CLA е цели 35 милиметри подолг, 25 милиметри поширок и 29 милиметри повисок од моделот кој го заменува. Од Mercedes-Benz тврдат дека ова резултира со значително покомфорна кабина. Багажникот е со капацитет од 405 литри, а електричните верзии имаат и преден багажник (прагажник?) од 101 литар.

Ентериерот е вистински фестивал на високата технологија. Новиот CLA е поставен на Mercedes Modular Architecture платформата, која пак овозможува навистина хај-тек решенија. Во кабината доминира огромниот главен панел кој вклучува три екрани – 10.25 инчи за возачот, 14-инчен централен дисплеј и 14-инчен дисплеј за совозачот. Mercedes ова го нарекува MBUX Superscreen, a ќе биде достапна и поковенционална изведба со два екрани.

Секако, сето ова значи дека искуството во CLA е темелно дигитализирано. MBUX виртуелниот асистент користи AI, односно се базира врз ChatGPT и Microsoft Bing, но и Automotive AI на Google. Тука се и неизбежните системи за асистенција во возењето.

Инаку, новиот CLA ќе може да се добие во целосно-електрична, или пак хибридна конфигурација. Доколку сакате струја, тука се CLA 250+ и CLA 350, кои ја носат и ознаката With EQ Technology. Да скратиме, ќе ги викаме едноставно EQ. CLA 250+ EQ доаѓа со електромотор кој кон задните тркала испорачува 268 коњски сили и 335 Nm вртежен момент, CLA 350 4Matic користи два електромотори за вкупно 350 коњски сили и 515 Nm. Интересно, и двете верзии добиваат пренос со две брзини – првата е за возење во град, втората за возење на отворено. Во зависност од конфигурацијата, Mercedes-Benz најавува автономија од нешто над 690, па се до скоро 780 километри.

За оние кои сакаат поконвенционален мотор, Mercedes-Benz разви сосем нов мотор со кодна ознака M252. Ова е нов, 1.5-литарски турбо-бензинец со четири цилиндри со хибридна компонента. Се комбинира со 8-брзински e-DCT автоматски менувач. Според Mercedes-Benz, новиот мотор е помал и цели 17% полесен од моторот кој досега се користеше во А-класата и CLA. Батеријата е мала (само 1.3 kWh) и е поставена под возачкото седиште. Сега за сега, нема конкретни информации околу техничките спецификации на моторот, но можеме да очекуваме верзии со околу 135, 165 и 190 коњски сили.

Поврзано:  Mercedes-Benz тестира EQS со цврста батерија и автономија до 1000 километри

Се очекува декa CLA ќе пристигне на пазарот во следните неколку месеци.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.