Tesla го претстави освежениот Model Y и му „насади“ предница од Cybertruck – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Tesla го претстави освежениот Model Y и му „насади“ предница од Cybertruck

Новиот Model Y добива нов дизајн и (верувале или не) рачка за трепкачите до управувачот!

Без разлика дали сме фанови на Tesla или не, мораме да признаеме дека американскиот бренд има огромно влијание врз автомобилската индустрија. Од супер-гласните фанови на Elon Musk, па сè до сопствениците на автомобили на Tesla кои безмалку религиозно ги проповедаат и брендот и автомобилите, вистината е дека Tesla е бренд кој во моментов (најверојатно) има поголемо влијание врз општата перцепција за автомобилите од било кој друг.

И сега, еве го новиот Model Y – најпопуларниот електричен автомобил во светот. Веднаш го забележуваме предниот дел со (неуспешно) пресаден дизајн од Cybertruck (па и од автономниот Cybercab). Дали изгледа добро? Хм, одлучете си самите. Профилот е генерално неизменет, а на задниот дел добиваме радикален нов едноделен светлосен елемент. Од Tesla кажуваат дека е „индиректно рефлективно каросериско задно светло“.

Кабината е (во стилот на Tesla) супер-минималистичка. Централно-поставениот екран сега е со дијаметар од 15.4 инчи, а патниците на задните седишта добиваат 8-инчен инфозабавен систем. Кабината добива и нови, покомфорни седишта, а редизајнирани се и сите панели во ентериерот. За разлика од Model 3, новиот Model Y добива конвенционална рачка за трепкачите, наместо непрактичните прекинувачи кои се поставени на самиот управувач.

На самиот старт ќе се нудат две изведби – RWD и Long Range AWD. Според WLTP мерењата, можеме да очекуваме автономија од околу 460, односно 550 километри, соодветно – односно 11 и 18 километри повеќе од досегашните изведби.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.