Во салонот на ABC Brother пристигна интересен новитет – електричниот Box кој ветува солидна автономија и многу опрема за навистина интересна цена.
Сакаме да кажеме дека пристигна малиот Box – но вистината е дека Box и не е толку мал. Да, на фотографии изгледа мал, но во живо – не е. Меѓуоскиното растојание на Box е поголемо од она кај многу нови европски конкуренти од Б-сегментот. Во живо, изгледа поголем од Citroen C3 или Opel Corsa, да речеме.
Box е достапен во две изведби. Едната се нарекува Box Style Edition и доаѓа со батерија со капацитет од 31.4 kWh и според WLTP мерењата може да помине 230 километри со едно полнење. Оваа верзија чини 21.990 Евра. Втората верзија е Box Launch Edition која добива батерија со капацитет од 42.3 kWh со која може да помине 310 километри (повторно, според WLTP).
Оваа верзија има и повеќе опрема (како на пример греење и вентилација на возачкото седиште, електрично преклопување на надворешните ретровизори, 360-степенска камера и слично), а чини само 1000 евра повеќе, односно 22.990 Евра.
Без разлика на верзијата, Box е придвижуван од електромотор кој испорачува 70 kW, односно 95 коњски сили и 160 Nm вртежен момент. Максималната брзина е 140 километри на час.
Секако, бидејќи Box е замислен и конструиран да биде целосно-електричен автомобил и токму тоа му овозможува да биде уште попросторен од очекуваното. Секако, во кабината доминираат технологиите – па пред возачот е поставен еден мал дисплеј за најважните информации, додека на средината е поставен огромен инфозабавен дисплеј кој наметнува еден пријателски, опуштен пристап кон автомобилот.
Dongfeng Box наскоро ќе пристигне и на тест, па ќе ги пренесеме нашите впечатоци. Во меѓувреме, погледнете ги фотографиите. За повеќе информации посетете го салонот на ABC Brother или пак официјалната веб-страница на Dongfeng во Македонија.





























