Porsche ја претстави новата врвна изведба на Taycan која ја носи ознаката Turbo GT и при Launch Control располага со безмалку неверојатни 1108 коњски сили и 1340 Nm вртежен момент!
Според Porsche, Taycan Turbo GT добива надградена верзија на погонот со два електромотори кој се вградува во веќе моќниот Taycan Turbo S. Дополнително, напоменуваат дека преносот со две брзини е дополинтелно зајакнат за да може да ја издржи сета таа моќ.
Резултат на сите овие преправки и доработки? Погонот испорачува 790 коњски сили, односно дури 1108 коњски сили во Launch Control режим – а тие бројки го прават Taycan Turbo GT најмоќното Porsche на сите времиња. Да, тука го вбројуваме и 918 Spyder кој располагаше со „само“ 875 коњски сили. А да, да го напоменеме и вртежниот момент – ако случајно имате корени за корнење, Taycan Turbo GT располага со дури 1340 Nm вртежен момент. Не сме сигурни, но тоа е најверојатно доволно за да ја смени ротацијата на планетата Земја.
Официјалните податоци зборуваат за забрзување до 100 километри на час за само 2.3 секунди, односно 2.2 секунди со Weissach пакетот. Што е Weissach пакетот, прашувате? Во интерес на подобри перформанси, Weissach пакетот ги отстранува задните седишта и уште неколку елементи, а додава аеро-додатоци под автомобилот, огромен заден спојлер и нов преден дифузер. Сето тоа резултира со 70 килограми полесен автомобил и уште подобри перформанси.
Но и без Weissach пакетот, Taycan Turbo GT добива нови 21-инчни ковани тркала обвиени во спортски пневматици. Тркалата се полесни, но и го подобруваат ладењето на огромните карбон-керамички сопирачки. Специјална калибрација добива и воздушната суспензија. Кабината е обвиена во црна кожа и специјален Race-Tex, а може да се добијат и контрастни детали.
Инаку, колку е брз Taycan Turbo GT? Porsche веќе постави два рекорди – едниот на Nurburgring, другиот на Laguna Seca. На германскиот Зелен Пекол, Taycan Turbo GT постави време од 7:07.55, додека на Laguna Seca успеа да постигне време од 1:27.87 – најбрзо време поставено од електричен автомобил во сериско производство.