Бест-селерот на Skoda добива темелно освежување – покрај затегнатиот дизајн, добива и уште посовремени погонски единици, надградена кабина и понови технологии.
Освежената Octavia добива дискретно редизајнирана предница со нови Matrix LED предни светлосни групи со адаптивни долги светла, како и редизајнирани браници во сите изведби. Профилот е генерално неизменет, но достапни се нови дизајни на тркалата (во димензии од 16 до 19 инчи) а визуелните измени ги заокружива затегнатиот заден дел кој исто така добива дискретно редизајнирани браници и нова графика на задните светла.
Погонската понуда е поедноставена и започнува со 1.5-литарскиот TSI турбо-бензинец кој е достапен во стандардна или лајт-хибрид конфигурација и испорачува 115 или 150 коњски сили, односно 220 или 250 Nm вртежен момент. Обичниот бензинец се комбинира со 6-степен мануелен менувач додека хибридот добива 7-брзински DSG автоматски менувач. Достапен ќе биде и 2-литарски турбо-бензинец со 204 коњски сили и DSG менувач кој ќе ја пренесува силата кон сите четири тркала.
Во понудата останува и 2-литарскиот турбодизел кој исто така се нуди во две конфигурации – едната со 115 коњски сили и 300 Nm вртежен момент, другата со 150 коњски сили и 360 Nm вртежен момент.
Врвот на погонската понуда доаѓа во Octavia RS која и понатаму има 2-литарски турбо-бензинец, кој е сега доработен да испорачува 265 коњски сили и 370 Nm вртежен момент. Octavia RS ќе се нуди само со DSG менувач. Интересно, Skoda одлучи да ја пензионира Octavia RS TDI, а не се спомнати ниту плаг-ин хибридните изведби.
Во однос на кабината – не препознаваме премногу измени, но Octavia добива нов инфозабавен систем поставен на 13-инчен дигитален дисплеј, а дури и во основната изведба ќе добие 10-инчен дигитален инструмент-панел. Новиот инфозабавен систем ќе добие ChatGPT интеграција за Laura виртуелниот асистент за полесна вербална комуникација со возилото, а кабината на Octavia добива и ревидирани материјали за некои од површините.
Освежувањето на Octavia е особено важно за Skoda бидејќи токму Octavia e бест-селерот на чешкиот бренд. Од претставувањето на првата генерација на Octavia во 1996 продадени се повеќе од 7 милиони примероци на супер-практичниот автомобил, па чешкиот бренд навистина не смее да ризикува.
Освежената Octavia се очекува да пристигне наскоро.