Кинеските производители во моментов уживаат во огромен раст на европските пазари – и со оглед на налудничавите ценовни политики на многу од европските производители, тоа воопшто не нè изненадува.
Изминтиве денови на широко се дискутира реакцијата на официјална Европа во однос на таканаречената „инвазија“ на кинески автомобили – и вистината е дека европските производители навистина имаат причина да бидат загрижени. Според извештај од DataForce кој го пренесува Automotive News Europe, на европскиот пазар се случува нешто навистина интересно.
Па што се случува? Кај некои производители продажбата се зголемува со навистина импресивно темпо. Пример кој се издвојува е MG – британскиот бренд со кинески сопственици. Ако во Август минатата година биле продадени вкупно 5.338 возила ширум Европа, во Август годинава се продадени 14.411 – скоро трикратен раст на продажбата! Раст забележува и BYD кој во Август 2022 продал само 186 возила, за во Август 2023 да продаде 2.685 возила! Истражувањето покажува дека MG продал повеќе возила од Volvo, Suzuki и Mini, но и дека BYD Atto 3 се продал во повеќе примероци од некои германски луксузни брендови.
Слични резултати бележат и други производители – Ora, Great Wall, Nio, Xpeng и други бележат неколкукратно зголемување на продажбата. Во конечни бројки резултатите можеби и не се толку импресивни, но дефинитивно е импресивен растот на продажбата. Тука можеме да земеме предвид и други брендови кои сега имаат кинески сопственици – како на пример Polestar или Lotus. Спортскиот огранок на Volvo бележи раст од 250%, а Lotus кој продал 294 возила во првите 8 месеци од 2022, продал дури 1309 возила во првите 8 месеци од 2023. Во ред, скоро сите од тие возила се примероци од ново-лансираната Emira, но тука се и 78 примероци од електричниот Eletre.
На што се должи сето ова? Можеме да шпекулираме и да шпекулираме, но трендовите укажуваат дека на европските купувачи едноставно почнаа да им здодеваат скоро незапирливото зголемување на цените и сè покомплицираните погони. Од друга страна, кинеските брендови нудат или едноставни бензински погони, или пак целосно-електрични возила кои се значително поевтини од нивните европски конкуренти. Според царински податоци, испораката на кинески возила со хибриден или целосно-електричен погон кон Европската Унија е зголемена повеќе од двојно во првите седум месеци од оваа година во однос на истиот период минатата година, односно скоро неверојатни 360% во однос на 2021.