full screen background image
Search

Renault Megane добива освежување и нова „E-Tech“ Plug-In хибридна верзија

Францускиот бренд ја обнови целосната гама на Megane за 2020 година, а покрај тоа додаде и plug-in хибридна верзија, во форма на караван.

Визуелните разлики од актуелниот модел не се премногу забележливи, но доаѓаат во вид на нов преден браник, хромирани детали околу светлата за магла и предната решетка, како и редизајнирани елементи во предните и задните светла. Во изборот на опции ќе бидат додадени три нови бои, а исто така и нови 16 и 18-инчни фелни.

Ентериерот е модернизиран со нова инструмент табла во вид на 10.2 инчен дигитален екран, а централната конзола добива нов изглед. Во зависност од нивото на опрема кабината може да биде обвиена во нови материјали, да биде опремена со електро-хроматско ретровизорско стакло и возачко седиште со електрично прилагодување.

Палетата на бензински мотори вклучува неколку верзии на 1.3-литарскиот TCe агрегат и тоа со 100, 115, 140 и 160 кс, достапни со шест-степена мануелна или седум-степена DCT трансмисија. На крајот од 2020-та ќе биде додаден и 1.0-литарски TCe мотор со 120 кс. Изборот на дизел агрегати е ограничен на 1.5 dCi во две варијанти од 95 и 115 кс, во комбинација со рачен или автоматски менувач.

Новиот Megane RS Line го заменува сегашниот GT Line модел и доаѓа со спортски изглед, целосно инспириран од најсилната RS изведба. Кога сме кај неа, за 2020-та година Megan RS ќе биде понуден само во Sport верзија и со 300 кс и 400 или 420 Nm вртежен момент, во зависност од тоа дали ќе биде опремен со мануелна или EDC трансмисија. Исто така, спортскиот компакт повторно ќе се нуди со механички вентил на издувниот систем, систем за управување на сите тркала, RS Monitor итн.

Хибридната верзија е наречена „E-Tech“ и комбинира 1.6-литарски четири-цилиндарски бензински агрегат со два електрични мотори за вкупна сила од 160 кс и доаѓа со иновативна повеќе-режимска трансмисија без спојка, за подобрена промена на степените на пренос.

лектричната енергија доаѓа од батерија со капацитет од 9.8 киловат-часа, кои се доволни за да го погонуваат автомобилот само на електрична енергија во опсег од 50 километри до брзина од 135 км/ч, според WLTP циклусот. Возењето исклучиво во град може да биде подолго, до максимални 65 километри. Според Renault, новиот ‘E-Tech’ модел е навистина еколошки и емитира издувни гасови од само 40 грама јаглерод диоксид на километар.

Моделот доаѓа со три режими на возење наречени Pure, MySense и Sport, од кои првиот се однесува на чисто електрично возење, а вториот го оптимизира хибридниот погон за максимална економичност и доаѓа со специјален ‘E-Save’ систем кој може да зачува 40% од силата на батеријата. Последниот режим Sport, му дозволува на возачот да ја искористи целата комбинирана сила на автомобилот.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.