Денес Макпетрол ги претстави дизел горивата од најнова генерација, а имавме можност да ја посетиме и лабораторијата за тестирање на квалитетот на горивата кои оваа компанија ги нуди на македонскиот пазар.
Денес имавме несекојдневна можност да ја посетиме лабораторијата на Макпетрол која е дел од комплексот на компанијата во населбата Илинден, и самите да погледнеме каде се тестира и контролира квалитетот на горивата кои компанијата ги нуди во Македонија. Лабораторијата е акредитирана и работи според врвни стандарди, а Макпетрол има воведено специфични правила по кои се тестира горивото кое пристигнува во складиштата, пред да се испорача кон бензинските пумпи, како и на самите бензински пумпи.
Со овој процес, Макпетрол им гарантира на купувачите во Македонија дека ќе добијат горива од највисок квалитет, и дека нуди горива кои се еквивалентни на европските.
Покрај посетата на лабораторијата, денес Макпетрол ги претстави и новите Ultra Green Power и Ultra Bio Power дизел горива, кои се наследници на досегашните Diesel Power Jet и Diesel Bio Jet дизел горива на компанијата. Новите горива овозможуваат пониска емисија на штетни гасови, зголемена моќност на моторите, и според Макпетрол – екстерно тестирана и докажана намалена потрошувачка на гориво за околу 2.5%.
„Денес сме тука да презентираме уште еден нов успешен проект, а тоа се новите ULTRA горива, Ultra Diesel Green Power и Ultra Diesel Bio Power“. – истакна Љупчо Георгиевски, директор на дирекција за малопродажба.
„Новото премиум гориво на Макпетрол Ultra Diesel Green Power е надградба на досегашното Ultra Diesel Power Jet гориво. Како и досега тоа е кристално чист еуродизел добиен преку процес на филтрирање на дизел горивото преку филтри што се користат за филтрирање на авиогоривата, во комбинација со нови, најсовремени адитиви. Тие обезбедуваат многу поефикасно согорување што значи зголемена моќност, намалена потрошувачка и намалена емисија на штетни издувни гасови“. – додаде Георгиевски.
Горивото Ultra Diesel Bio Power е предводник во поглед на заштитата на животната средина. Со развојот на ова гориво, Макпетрол го направи следниот чекор во примената на светските трендови и на пазарот со нафта и нафтени деривати нуди уште едно современо дизел гориво од кое подеднаква корист имаат животната средина и возачите.
„Ultra Diesel Bio Power содржи 6% дизел гориво од висококвалитетно растително масло додека останатите 94% ги сочинува нашето кристално чисто Ultra Diesel Green Power гориво. На овој начин на пазарот нудиме горива со состав идентичен со дизел горивата што ги пропишува ЕУ, со цел да се зголеми уделот на енергија од обновливи извори“. – дополни Георгиевски.
„Горивата Ultra Diesel Green Power и Ultra Diesel Bio Power се сертифицирани не само за постарите возила со DI (Direct Injection) и IDI (Indirect Injection Technology) туку и за најновите CRDI (Common Rail Direct Injection) мотори“. – истакна Горан Ангеловски, директор на дирекција за стандардизација, квалитет и екологија
„Горди сме што во моментов сме единствена компанија на македонскиот пазар која на своите потрошувачи им нуди можност да користат вакви дизел горива“. – потенцираа од Макпетрол.
Извор: PR Макпетрол