Според најнови информации, Koenigsegg ќе произведе најбрза до сега, ограничена верзија од само пет примероци, базирана на Agera.
Наречена One:1 (еден на еден) поради планираниот однос од една коњска сила на еден килограм маса, верзијата ќе го задржи истиот 5.0-литарски V8 твин-турбо мотор, но ќе биде засилен од досегашните 1140 на околу 1250 кс. За да го достигне планираниот и да го подобри односот од 0.88 кс на кг кај базниот модел Agera, суперавтомобилот покрај зголемувањето на силата ќе треба и да изгуби тежина.
Дизајнот на моделот ќе биде значајно изменет во споредба со досегашните специјални и ограничени серии. Ќе вози на тркала направени од јаглеродни влакна и ќе има поинаков преден дел со преден сплитер, заедно со фиксиран карбонски кров со отвор за довод на воздух, додека задниот дел на автомобилот ќе добие редизајниран дифузер и големо крило.
Се надеваме дека наскоро ќе ги имаме сите официјални информации, а сега за сега можеме да Ви ги понудиме само овие фотографии од брошура.