Ford и Renault објавија важно стратешко партнерство, кое ќе резултира со два нови модели на Синиот Овал изградени врз AmpR EV платформата на францускиот бренд. Еден од нив? Наследник на Fiesta (најверојатно)!
Значи, првиот нов модел се очекува да пристигне на почетокот на 2028 и да биде наследник на Fiesta. Овој модел ќе биде близок со одличниот Renault 5 (нашиот тест тука) и ќе се произведува покрај него во ElectriCity комплексот во Douai, Франција. Вториот автомобил ќе биде мал електричен кросовер поврзан со Renault 4. Сега за сега нема информации околу пристигнувањето на овој модел.
Од Ford кажуваат дека иако автомобилите ќе бидат базирани врз модели на Renault, сепак ќе бидат „препознатливи како Ford електрични автомобили“ и ќе бидат целосно дизајнирани од дизајнерите на Ford. Дополнително, ќе добијат и динамични карактеристики кои се препознатливи за Ford.
Ford веќе најави дека планира да се врати во сегментот на Fiesta, во кој своевремено доминираше. Fiesta беше толку популарна, што Ford имаше огромен удел од 12% во нејзиниот сегмент. Ако до објавувањето на ова партнерство се претпоставуваше дека Ford ќе ја базира Fiesta врз MEB Entry платформата на Volkswagen, сега „од нигде-никаде“ доаѓа конфирмацијата дека Ford сепак ќе ја користи платформата на Renault.
AmpR платформата на Renault овозможува користење на батерии со капацитет до 40 или 52 kWh, како и електромотори со моќност меѓу 121 и 215 коњски сили. Renault во своето портфолио веќе има модели кои се ориентирани кон перформансите, а најгласен претставник е Alpine A290, базиран на Renault 5.





