Драматичната Tindaya го носи името на вулканска планина на Канарските Острови и ја најавува храбрата, самоуверена иднина на шпанскиот бренд.
На саемот во Минхен имавме можност да присуствуваме на глобалната премиера на Cupra Tindaya. Екстремниот, драматичен концепт го става возачот на прво место – всушност, неговиот слоган (а можеби и слоган на брендот) е No Drivers, No Cupra. Без возачи, нема Cupra. Дизајнот е супер-агресивен (и нема да згрешите ако кажете дека моооооожеби влече инспирација и од Lamborghini), со нагласени органски линии и моќни, самоуверени агли.
Инаку, Tindaya е голем автомобил – долга е 4.7 метри, а во крилата се кријат огромни 23-инчни тркала. Дизајнот го заокружуваат екстремниот заден спојлер, агресивниот дифузер и комплексните задни светла.
Кабината добива агресивни CUPBucket седишта обвиени во био-кожа, а седиштата изгледаат како да лебдат во кабината. Меѓу седиштата има огромен средишен гребен кој претставува физичка бариера меѓу возачот и совозачот. 2+2 конфигурацијата сугерира дека Tindaya примарно треба да функционира како купе, но сепак има доволно простор за уште двајца патници.
Управувачот е директно инспириран од моторспортот, а пред возачот е поставен 24-инчен дисплеј. На десната страна од возачот е The Jewel, односно скапоцениот камен. Овој елемент е „сензорен и симболичен интерфејс кој го буди возилото, ги прилагодува режимите на возење и ја трансформира атмосферата преку светлина, звук и амбиентални прилагодувања.“
Кај Tindaya дебитира новата SSP платформа на Volkswagen групацијата. Tindaya користи Range Extender погон кој користи два електромотори (по еден на секоја оска, и заедно испорачуваат околу 500 коњски сили) и батерија која овозможува досег до 300 километри, како и 1.5-литарски TSI турбо-бензинец кој се користи како генератор за да ги полни батериите. Вкупниот систем овозможува автономија до 1000 километри и забрзување до 100 километри на час за 4.1 секунда.















