Филоса е вистински Stellantis-ветеран – неговиот старт во компанијата е во 1999 во Fiat, за сега да застане на чело на глобалниот концерн.
Конечно, Stellantis има нов Главен Извршен Директор. Филоса е ветеран во корпорацијата – неговиот старт е во Fiat во 1999, а низ годините се искачуваше во рамките на Stellantis. Пред да биде назначен за Главен Извршен Директор, тој беше на чело на Stellantis во Јужна и Северна Америка од 2018, позиција која успеа да ја задржи и по спојувањето на FCA со PSA пред неколку години.
Филоса доаѓа на лидерската позиција на Stellantis во интересно време за брендот. Пред само неколку месеци, тој изјави дека подобрување на продажбата во САД е „главен приоритет“ за подобрување на профитабилноста – профитите на Stellantis паднаа за цели 70% во 2024 (и всушност, тоа и беше една од главните причини за заминувањето на Tavares).
По неговото официјално стартување на лидерската позиција, тој ќе се соочи со нови глобални предизвици. Меѓу другото, тука е и нестабилноста на пазарите предизвикана од тарифите од администрацијата на Трамп во САД, но и строгите европски легислативи, намалувањето на побарувачката за електрични возила и целата лепеза на брендови во рамките на Stellantis.
Филоса и официјално ќе ја превземе улогата на 23-ти Јуни, кога се очекува да оформи и нов лидерски тим. Дали тоа значи дека некои од брендовите ќе добијат нови челници? Со оглед на тоа дека неколку брендови во рамките на Stellantis неодамна добија нови директори, не би биле изненадени доколку тој тренд продолжи. Сепак, очекуваме дека некои долгогодишни имиња нема да заминат од компанијата.




