Просечната старост на автомобилите во ЕУ е 12 години, каква е состојбата кај нас? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Просечната старост на автомобилите во ЕУ е 12 години, каква е состојбата кај нас?

Според извештај на ACEA, просечната старост на возилата во земјите од ЕУ е 12.3 години. Каква е состојбата во Македонија?

Извештајот е изработен од страна на ACEA, односно Европската Асоцијација на Производители на Автомобили. Самиот извештај е од Февруари минатата година, но сигурни сме дека нема да има позначителни промени во трендовите. Секако, ACEA повторно ќе објави извештај во текот на оваа година.

Најнови возила има Луксембург, каде просечната старост на автомобилите е 7.9 години. Но истовремено, Луксембург е земја со најмал број на возила – имаат само 448.000 возила. Франција има 38 милиони возила, Италија има 40 милиони возила и водечка е Германија со 48 милиони возила. Просечната старост на возилата во овие ЕУ-земји е 10.8, 12.5 и рамно 10 години, соодветно.

Интересни се резултатите и за регионот. Во Словенија (каде на патиштата има вкупно 1.2 милиони автомобили) просечната старост на автомобилите е 11.2 години. Во Хрватска (која брои 1.8 милиони автомобили) просечната старост е 13.3 години. Во Грција (5.5 милиони возила) просечната старост на автомобилите е 17.3 години. Според Bloomberg Adria, во Македонија заклучно со 2023 има вкупно 552.000 регистрирани патнички автомобили а со оглед на трендовите за увоз на користени возила, не би биле изненадени доколку заклучно со 2024 биде надмината бројката од 600.000.

A колку се стари возилата кај нас? Според МакСтат базата на податоци на државниот завод за статистика, просечната старост на возилата во Македонија на крајот на 2023 била 19.5 години.

А сето ова нè носи до една навистина болна тема за муабет – а тоа е вистината дека возиме стари автомобили. Автомобили кои ни од далеку не ги исполнуваат тековните еколошки стандарди. За одржувањето и безбедноста на повеќето стари автомобили не ни треба да зборуваме.

Очајно ни е потребна стратегија за обновување на возниот парк и заменување на многу од дотраените стари автомобили со нови, кои ги исполнуваат најновите еколошки стандарди и стандарди за безбедност. И наместо краткорочни, популистички „решенија“ треба да бараме долгорочна стратегија која ќе резултира со директно обновување на возниот парк.

Извор: ACEA



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.