full screen background image
Search

Протекоа првите фотографии од серискиот Alfa Romeo Tonale

Сериската верзија на Alfa Romeo Tonale доаѓа со дизајн верен на концептот, но сепак во посмирена варијанта.

На предниот дел серискиот автомобил ја задржува слеаната контура на предните светла, со Алфината решетка и препознатливата хромирана рамка, а и формите на долните отвори за воздух се останати речиси неизменети. Најзабележливите разлики се во LED графиката на светлосните групи и покрупната текстура на мрежата од решетките.

Задниот дел изгледа многу слично со концептот. Единствени разлики кои можат да се забележат се зголемувањето на височината на задните споени светла и додадените рефлектори од двете страни на регистерската табличка. Остатокот изгледа речиси непроменето.

Страничните линии на серискиот Tonale останале неизменети, но сепак рачките на предните врати се постандардни, наместо „прилепените“ кои се издигнуваа на команда од клучот. Задните рачки се „скриени“ во стаклото позади Ц-столбот – дизајнерска одлика која најпрво се појави кај моделот Alfa Romeo 156.

Сликата од ентериерот не сме целосно сигурни дали е верна на сериската верзија, но делува како еволуција од инструмент таблата на Stelvio во поспортско издание. Како главна новост забележуваме целосно дигитален дисплеј за брзиномерот, нов „лебдечки“ централен екран за мултимедијалниот систем и можност за безжично полнење за телефони.

Alfa Romeo Tonale се очекува да започне со производство во првата половина од 2021, а малиот кросовер ќе биде првиот модел на брендот кој ќе може да се добие и со plug-in хибриден погон.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.