Македонска премиера на новиот KIA Proceed – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Македонска премиера на новиот KIA Proceed

Пред само неколку моменти, македонскиот импортер за возилата на KIA – КИА Моторс Македонија – го презентираше несекојдневниот нов Proceed пред претставниците на автомобилските медиуми.

Новиот Proceed е навистина несекојдневен автомобил – неговата таканаречена „Shooting Brake“ форма е нешто на кое не сме навикнати. Сепак, Proceed изгледа уникатно и не личи на скоро ништо друго на улиците – а тоа го прави интересен и привлечен модел.

Целта на КИА Моторс Македонија е да го претстави Proceed како своевиден „halo“ автомобил – односно, автомобил кој има задача да ја подигне перцепцијата за возилата на брендот (но и на самиот бренд) на повисоко ниво. Токму затоа Proceed ќе се нуди во две врвно-опремени изведби – GT и GT-Line. Proceed ќе можете да го добиете со 1-литарски T-GDI со 120 коњски сили (истиот како кај Ceed Black Pack кој неодамна го возевме), 1.4-литарски T-GDI со 140 коњски сили, или пак 1.6-литарски T-GDI со 204 коњски сили во врвната GT изведба. Доколку сакате турбодизел, можете да го нарачате 1.6-литарскиот CRDi со 136 коњски сили.

Секако, најинтересен детал кај Proceed е токму динамичната кровна линија која продолжува во Shooting Brake форма. Токму оваа кровна линија му дава на Proceed динамичен и спортски карактер, а приказната се дополнува со големи, 18-инчни тркала, LED предни и задни светла и многу, многу други ситни детали. Кабината добива одлични спортски седишта и „еден куп“ ситни спортски детали кои се ексклузивни за Proceed, а добива и многу, многу опрема – меѓу кои го истакнуваме моќниот JBL Premium аудио уред.

Цените за KIA Proceed започнуваат од 24.990 Евра за Proceed GT-Line со 1-литарскиот T-GDI со 120 коњски сили, а на самиот врв на понудата е Proceed GT со 1.6-литарскиот T-GDI со 204 коњски сили и DCT автоматски менувач со двојна спојка кој чини 33.390 евра. Доколку сакате дизел, Proceed GT-Line 1.6 CRDi со мануелен менувач чини 28.990 евра.

Поврзано:   Дамите го одбираат Women's Worldwide Car of the Year - ова се финалистите!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.