full screen background image
Search

Откриен изгледот на новата BMW Серија 1

Протекоа првите фотографии од М135i xDrive изведбата на целосно новата Серија 1 на BMW.

Двете фотографии го прикажуваат конечниот изглед на компактниот модел со откриени преден и заден дел. Предниот дел е стилизиран како насмеан лик со широка решетка на браникот во силуета на насмевка, опкружена со вертикални отвори за воздух и поизразен спојлер во најдолниот дел. Над нив, помеѓу препознатливите светла со графика на очи се забележуваат и поголеми „бубрези“ со текстура на решетката како кај новиот Z4, обвиена со матирана алуминиумска рамка.

Задниот дел е дизајниран со поагресивна нота. Тука светлата се повисоки во надворешниот дел, а се стеснуваат кон празнината за регистерска табличка, која е многу складно и ненападно поставена. Браникот е поиздаден и на него доминира огромниот украс со интегриран дифузер и вистински кружни издувни цевки, а покрај него се исто така вертикални отвори за воздух како на предниот браник.

Како што знаеме од претходно, новата Серија 1 ќе биде поставена на платформа со преден погон. Сепак, уловената изведба на сликите ќе биде опремена со погон на сите четири тркала и ново развиениот 2.0-литарски четири-цилиндричен турбо-бензински агрегат кој произведува 306 кс и 450 Nm вртежен момент. За пренесување на силата кон тркалата се очекува да биде понуден осум-степен автоматски менувач како единствена опција.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.