ТЕСТ: Range Rover Sport 3.0 HSE TDV6 – Британска теренска аристократија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Range Rover Sport 3.0 HSE TDV6 – Британска теренска аристократија!

Ако барате голем, луксузен и компетентен теренец – навистина нема потреба да гледате подалеку од големиот Range Rover Sport!


Со неодамнешното освежување  на Range Rover гамата, британските луксузни теренци ги добија сите „играчки“ од новиот (и хај-тек) Velar, а истовремено ги задржаа и ги подобрија теренските способности. Токму затоа имавме можност да поминеме неколку дена со големиот Range Rover Sport и за прв пат самите да се увериме во вистинските благодети на британската теренска аристократија.

Колку е голем Range Rover Sport? Многу!

При првиот контакт со големиот Range Rover Sport едноставно не можете да ја избегнете големината – ова е голем, ама навистина голем автомобил. Долг скоро пет метри и широк повеќе од два метри, отпечатокот кој Range Rover Sport го остава не е за занемарување. Уште не сме започнале убаво да го разгледуваме, а веќе изгледа монолитски и достоинствено.

Таа достоинственост се должи и на чистите линии и мазните површини – ова е теренец кој ги занемарува тековните трендови за хипер-комплексни форми, и ја наметнува својата аристократска крв преку значително поконзервативен дизајн. Но сепак, загледајте малку поубаво и ќе препознаете многу модерни детали – од широките и хоризонтални светлосни групи, па преку големите фелни и големите отвори за воздух – и покрај резервираноста, Range Rover Sport изгледа авантгардно и привлечно. Едноставноста никогаш не излегува од мода, нели?

Аристократска кабина со беспрекорни материјали и завршна обработка

Ја отвораме вратата, се качуваме во кабината и добиваме навистина функционален и модерен ентериер. Приказната за едноставни линии продолжува и тука – но во кабината секоја површина, сè што ќе допрете е обвиено со квалитетна кожа, алуминиум или некаков друг фин-на-допир материјал. Ако мораме некако да го објасниме чувството – ќе речеме дека кабината на Range Rover Sport плени со својата благодорност.

Седиштата се идеално-комфорни и се нагодуваат во скоро секоја насока. Лесно ќе пронајдете комфорна и прегледна возачка позиција, но немојте во ниту еден момент да заборавите дека сте во навистина голем автомобил. Инструментите се јасни и прегледни, и по само неколку минути ќе научите што е каде поставено. Со фејслифтот, Range Rover Sport ги добива и двата дигитални дисплеи кој дебитираа кај Velar – горниот е наменет за мултимедијалниот уред и навигацијата, додека долниот е наменет за контролирање на клима-уредот и теренските системи на Range Rover Sport.

Има и уште еден дигитален дисплеј поставен директно пред возачот кој можете да го прилагодите баш како што сакате и да ги гледате информации кои вам ви се најпотребни. Единствена забелешка што ја имаме за ергономијата е на локацијата на која се поставени прекинувачите за отворање прозорци – на нивното вообичаено место се поставени контролите за меморија на седиштата, па неколку пати наместо да отвориме прозорец, го поместивме возачкото седиште во некоја меморирана позиција.

Како што рековме, седењето е комфорно – како на предните седишта, така и на задните. Задните седишта се нагодуваат слично како и предните, а во нашиот тестен модел нудеа и загревање – нешто што се покажа како особено практично и корисно при подолго патување. Одличен беше и огроооомниот панорамски стаклен кров кој внесува многу светлина во кабината. На располагање имавме 784 литри багажен простор кои можат да нараснат до пештерски 1780 литри со преклопени задни седишта.

Голем, но лесен за возење

Започнуваме да се движиме – и да, иако во кабината е повеќе од јасно дека возиме голем теренец, сепак поради одличната прегледност маневрирањето и не е толку страшно. Воздушната суспензија (и тежината) помалку или повеќе ги израмнуваат нерамнините од нашите улици, па во кабината цело време е скоро идеално мирно. Чувството е навистина аристократско.

Серво-управувачот е лесен, а автоматскиот менувач со 8 брзини самиот „си брка работа“ без да има потреба да правиме ништо. На отворен пат, сè додека се движиме со прифатливи брзини во кабината е тивко – навистина е посветено внимание на рафинираноста и звучната изолација. Кога ќе побарате подинамично возење, Range Rover Sport е подготвен да го оправда делот Sport од своето име – но во реалноста, наметнува опуштен, достоинствен стил на возење.

Но уште поважно – Range Rover Sport е подеднакво импресивен и надвор од асфалтот. Всушност, слободно напуштете го асфалтот во каква сакате ситуација – компјутерот или самиот ќе препознае по што возите, или можете и самите да му кажете – и системот за дистрибуција на силата ќе се справи со скоро секаков предизвик.

Ние го искористивме врнежливото време и побаравме калливи предели – и Range Rover Sport во ниту еден момент не нè разочара. Кога на сето тоа ќе се додаде дека Range Rover Sport има агол на пристапување од 33 степени и агол на заминување од 31 степен, и дека може да вози низ вода длабока до 850 милиметри – станува јасно дека ова е автомобил со вистински талент за одење насекаде.

3-литарски турбодизел, 258 коњски сили и 600 Nm!

Нашиот тестен Range Rover Sport дојде со 3-литарски турбодизел кој испорачува 258 коњски сили при 4000 вртежи во минута и моќни 600 Nm вртежен момент од 2000 вртежи во минута. Силата се дистрибуира преку автоматски менувач до сите четири тркала, а сето тоа резултира со „стотка“ за 7.7 секунди и максимални 209 километри на час. Но во реалноста, перформансите се навистина убедливи – на било која брзина, во било кој степен на пренос, запознајте ја интимно педалата за гас со патосникот под неа и големиот SUV како да потскокнува нанапред – а тежи 2134 килограми!

За време на неколкудневното тестирање измеривме просечна потрошувачка од околу 12.5 литри дизел гориво на 100 изминати километри – која воопшто не е лоша, со оглед на димензиите, перформансите и тежината на Range Rover Sport.

Многу опрема – како што треба!

Секако, мораме да зборуваме и за опремата – а како што и му прилега на ваков автомобил, нашиот тестен Range Rover Sport беше богато опремен. Од предните и задни LED светла, па до кожниот ентериер, панорамскиот кров, воздушната суспензија и многуте различни системи – навистина не можеме да се пожалиме на опременоста. Во секој случај би препорачале да ги нарачате сензорите и камерите за паркирање бидејќи и тоа како го олеснуваат маневрирањето – но во суштина, ова е автомобил кој едноставно мора да биде добро опремен. Не е заборавено ниту на безбедноста – па ќе добиете цела гама на активни и пасивни системи за безбедност и мал милион воздушни перничиња.

Range Rover Sport е вистинска британска теренска аристократија!

Кога за прв пат Range Rover го покажа Sport, меѓу поклониците на брендот постоеше сомнеж дали „малиот“ Range Rover е вистински Range Rover – но со најновата генерација сите сомнежи едноставно исчезнуваат. Од британското педигре, па преку луксузниот ентериер и сè до теренските способности, Range Rover Sport е вистинска спортска аристократија која кон луксузот пристапува на повоздржан, подостоинствен – Британски – начин!

Спецификации

  • Мотор: 3-литарски турбодизел, 6 цилиндри
  • Моќност: 258 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 600 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 8 брзини
  • Максимална брзина: 209 км/час
  • Забрзување 0-100: 7.7 секунди
  • Должина: 4879 mm
  • Ширина: 2220 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1802 mm
  • Тежина: 1975 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2923 mm
  • Багажен простор: 784 – 1780 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 12.5 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Range Rover Sport HSE TDV6 3.0d – 105.512 Евра

Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.