full screen background image
Search

ТЕСТ: Mitsubishi Space Star 1.2 Invite – Значително освежување!

Малиот Mitsubishi Space Star е значаен модел во гамата на јапонскиот производител – па Mitsubishi ги послуша купувачите и подготви значителен фејслифт за урбаниот автомобил. Колку длабоко всушност одат измените?

Ова е трето појавување на Space Star на нашите страници. Кога за прв пат го запознавме, се дружевме со верзијата со 1-литарски мотор, за понатаму да го запознаеме и 1.2-литарскиот мотор кој ветуваше подобри перформанси но ја задржа ниската потрошувачка. Неодамна се дружевме со освежената, фејслифтирана верзија на Space Star и имавме можност и самите да се увериме во значителните измени кои јапонскиот производител ги подготви.

Mitsubishi го довете малиот Space Star во сегашноста – дизајнот е омекнат и попривлечен

mitsubishi-space-star-fl-frontside2

Веднаш се забележува дека Mitsubishi го „доведе во сегашноста“ малиот Space Star. Дизајнот на моделот пред фејслифтот не беше непривлечен, но беше малку несоодветен за европските купувачи. Сега, благодарение на значително изменетата предница, малиот Space Star изгледа значително попривлечно. Во интерес на намалување на трошоците, предните светлосни групи ја задржаа истата форма, но целосно е редизајниран (и зголемен) централниот отвор за воздух, а значителни измени претрпе и браникот – хромираните детали даваат доза на зрелост која му недостасуваше на „стариот“ модел. Всушност, гледан од напред, нашиот бел тестен модел изгледа ведро и весело – и потсетува на панда мече!

mitsubishi-space-star-fl-rearside2

Оние со поостар вид ќе забележат дека и задниот дел претрпе дискретни измени. Веднаш ќе ги забележите новите задни светлосни групи кои сега користат LED технологија, а малку е изменет и браникот со додавање на рефлектирачки „мачкини окца“. Визуелните измени се заокружени со нови бои и нови дизајни на алуминиумските фелни, па можете да го нарачате Space Star како вам ви одговара.

Поврзано:   Mitsubishi Engelberg Tourer PHEV - Плаг-ин хибрид за оние со авантуристички дух

mitsubishi-space-star-fl-side

Секако, инженерите на Mitsubishi не останале со скрстени раце – па Space Star добива значително изменета задна суспензија благодарение на која малиот автомобил е значително постабилен на повисоки брзини, а поработено е и на звучната изолација – во ред, тука не е како во некој голем луксузен седан, но има забележителна разлика.

Ентериерот е практичен и комфорен, со изненадувачки многу простор

mitsubishi-space-star-fl-interior1

Отворете ги вратите и ве пречекува истиот практичен, комфорен и (за класата) просторен ентериер. Дискретно е изменета графиката на панелот со инструменти, а на места се истакнуваат нови пластики и хромирани детали кои го подигаат чувството кое кабината го нуди. Измените можеби се ситни, во разликата во кабината е значителна.

mitsubishi-space-star-fl-interior2

Веќе добро ги познаваме урбаните квалитети на Space Star – кабината нуди повеќе од доволно простор (повторно, во контекст на класата) за возачот, совозачот и двајца патници на задната клупа. Прегледноста е одлична благодарение големите стаклени површини, а прегледноста во комбинација со компактните димензии го прават Space Star маневрабилен и лесен за користење во градскиот метеж. Доколку сепак решите да патувате малку подалеку, на располагање ќе имате 235 литри багажен простор.

mitsubishi-space-star-fl-luggage

11.7 секунди „до стотка“, 180 километри на час, 5.7 литри во град!

Како што веќе напоменавме, малиот Space Star е вистински урбан херој – а одличен партнер е 1.2-литарскиот бензинец кој го придвижува само 845 килограми тешкиот автомобил до 100 километри на час 11.7 секунди, па сè до максималните 180 километри на час. Моторот нема претрпено измени – па на располагање се истите 80 коњски сили и 106 Nm вртежен момент. Официјалните податоци од Mitsubishi декларираат потрошувачка од 4.3 литри на 100 километри – ние измеривме некаде околу 5.7 литри на 100 километри во градски услови – бројки кои се меѓу најдобрите во класата!

Поврзано:   Несекојдневниот Mitsubishi Eclipse Cross пристигна во Скопје

mitsubishi-space-star-fl-frontside4

Во возење се забележуваат измените кои се направени на задното потпирање. Space Star е значително повоздржан и се однесува поконтролирано, особено на нерамен терен. Секако, доколку побарате спортска динамика ќе останете малку разочарани, но тоа и не е намената на Space Star – тој е наменет да биде практичен, кофморен и економичен автомобил, а овие задачи ги исполнува одлично. Суспензијата значително подобро се справува со поголеми и помали нерамнини, без притоа да пренесе многу од несаканите вибрации во кабината.

Многу опрема по прифатлива цена!

mitsubishi-space-star-fl-rearside1

Пред самиот крај, малку да зборуваме и за опремата – нашиот тестен модел дојде со цела листа на „играчки“. Ги издвојуваме алуминиумските фелни, клима уредот, 6-те воздушни перничиња, ESP системот против пролизгување, ABS системо против блокирање на кочниците, систем за дистрибуција на силата на кочење, странични ретровизори со електрично нагодување и загревање, можност за Bluetooth поврзување, можност за USB поврзување, загревање на предните седишта, тонирани задни стакла, хромирани детали и уште многу, многу повеќе – всушност, Space Star е еден од најопремените автомобили во класата!

mitsubishi-space-star-fl-frontside1

Значи – Mitsubishi го продолжува она што го започна со значителното освежување на Outlander. Јапонскиот производител мудро ги слуша сопствениците, но и автомобилските новинари и подготвено воведува подобрувања онаму каде се потребни. Рецептот кај Outlander се покажа како успешен, а по сè изгледа и тука ќе продолжи истата приказна!

  • Мотор: 1.2 литарски атмосферски бензински мотор, 3 цилиндри
  • Моќност: 80 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 106 Nm / 5000 вртежи во минута
  • Менувач: Мануелен, 5 брзини
  • Максимална брзина: 180 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.7 секунди
  • Должина: 3710 mm
  • Ширина: 1665 mm
  • Висина: 1490 mm
  • Тежина: 845 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2450 mm
  • Багажен простор: 235 литри
  • Потрошувачка: 4.8 (официјална, градска), 5.7 (измерена, градска)
  • Mitsubishi Space Star 1.2 DOHC Mivec Invite – 9.990 Евра
Поврзано:   Неочекувано: Рапер го претставува новиот Mitsubishi Eclipse Cross

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.