ТЕСТ: BMW X4 xDrive20d M-Sport – Привлечноста на несекојдневното – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: BMW X4 xDrive20d M-Sport – Привлечноста на несекојдневното

X4 е еден од оние модели кои или ги разбирате, или не – односно, или ве привлекуваат, или не. Поминавме неколку дена со X4 опремен со 2-литарски турбодизел со 190 коњски сили, автоматски менувач, погон на сите тркала и M-пакет, и ова се нашите впечатоци!

Кога за прв пат на пазарот се појави BMW X5, направи вистинска револуција во сегментот. Долгогодишните фанови на брендот протестираа против насоката во која оди баварскиот производител и грчевито се држеа за традиционалните вредности на BMW. Гласно се говореше за возната динамика и се тврдеше дека еден голем SUV не може да го понуди чувството зад воланот на кое сопствениците и фановите на возилата на BMW се навикнати. Кога BMW отиде чекор понатаму и го понуди навистина несекојдневниот X6, „хејтерите“ беа уште погласни и далеку помалку умерени во своите критики.

bmw-x4-carclub-interior-frontlow1

Сепак, ниту еден производител не можеше да оди во спротивност на светските трендови и желбите на купувачите – а тие беа едноставни. Купувачите сакаа SUV модели. Сакаа големи, робустни возила со какви-такви теренски способности кои гордо парадираа со својот маскулинитет. BMW совршено ги разбра купувачите, и не само што ги следеше трендовите, туку всушност постави нови, неочекувани трендови зад кои другите производители каскаат. Но што значи сето тоа?

По успехот на X6, неизбежно беше проширувањето на оваа гама на BMW.

bmw-x4-carclub-rear4

По успехот на X6, неизбежно беше проширувањето на SAC понудата на BMW. Што е SAC, се прашувате? SAC значи Sports Activity Coupe, и совршено ја опишува конкретната категорија на возила. Ова се автомобили кои ја нудат робустноста и компетентноста на SUV моделите, но со доза дополнителна спортска атлетичност благодарение на купе-овската линија на каросеријата. Она што BMW го започна со X6, сега го продолжува со X4.

BMW X4 ја нема традиционалната „коцкаста“ форма на SUV – опаѓачката кровна линија сугерира спортска динамичност

bmw-x4-carclub-interior-front3

Во ред, значи пред нас е „бејби“ X6. Помалиот брат на големиот теренец. Она што веднаш станува воочливо е несекојдневната форма на германскиот SAC. Однапред, X4 е скоро нераздвојлив од X3 – на кој всушност и се базира. Но сличностите завршуваат некаде позади Б-столбот и оттаму работите се веќе навистина различни. Ја нема традиционалната „коцкаста“ форма на SUV, туку опаѓачката кровна линија дава доза на спортска динамичност, а широкиот став навестува дека се работи за вистински BMW.

Поврзано:   Дамите го одбираат Women's Worldwide Car of the Year - ова се финалистите!

bmw-x4-carclub-rear5

Секако, дизајнот нема да биде по сечиј вкус – ова е еден од наполаризирачките автомобили кои сме ги возеле, но не можеме да не признаеме дека црвениот X4 со кој поминавме неколку дена го привлекува вниманието каде и да се појави. Другите возачи на улиците го загледуваа, прашуваа за него, а меѓу најзаинтересираните беа сопствениците на X6 кои прашуваа „дали ова е новиот модел?“

Спортски ентериер со одлични седишта, квалитетни материјали и компромитирана задна клупа

bmw-x4-carclub-interior2

Сличностите меѓу X3 и X4 продолжуваат и во ентериерот. Сепак, бидејќи нашиот тестен модел дојде опремен со M-пакет, веднаш се издвои од посекојдневните верзии благодарение на одличните спортски седишта и многуте спортски детали во ентериерот. Седиштата се многу слични како оние кои беа понудени во Серијата 3 која ја возевме минатата година, но овој пат беа делумно обложени со кожа.

bmw-x4-carclub-details

Благодарение на одличната седечка позиција и спортското чувство зад воланот, во X4 воопшто не се чувствувате како во SUV – чувството е како во спортски автомобил. Прегледноста е задоволителна, освен кон задниот дел, па нарачајте паркинг сензори во најмала рака, а ние би препорачале и паркинг-камера. Особено ни се допадна тоа што целиот ентериер беше обложен со црн наместо светол материјал – тоа само ги истакнува спортските претензии на X4.

bmw-x4-carclub-interior3

На задната клупа комфорно ќе се сместат двајца патници. По потреба ќе се сместат и тројца, но не би го препорачале тоа на подолги релации. Дополнително, заради опаѓачката линија на кровот има малку помалку место за главите на патниците во споредба со X3 – имајте го и тоа во предвид. Од друга страна, на располагање стојат 500 литри багажен простор кои „нараснуваат“ на одлични 1500 литри кога ќе ги спуштите задните седишта. Добивате широк багажен простор, па лесно ќе натоварите и поголеми предмети.

bmw-x4-carclub-interior4

Вистинско задоволство зад воланот, и покрај пропорциите на SUV!

Онаму каде X4 е вистинско изненадување е во возење. Да, ова е голем автомобил, но цврсто-поставената суспензија (која е дополнително зацврстена заради M-пакетот) го прави да биде екстремно маневрабилен и зад воланот воопшто немате чувство дека автомобилот е голем и тежок. Всушност, подготвеноста со која X4 ја менува насоката на движење е изненадувачка и повеќе наликува на компактен спортски автомобил.

Поврзано:   Manhart MH2 560 кој е базиран на BMW M2 има... Погодувате - 560 коњски сили!

Навалување во свиоци скоро и да нема, а управувањето е максимално неутрално – дури и да ја исклучите контролата на стабилност, скоро е невозоможно да го испровоцирате задниот дел. Управувањето е директно и прецизно, и вистинско уживање е да се бараат границите на германскиот SAC.

bmw-x4-carclub-interior-driving

Нашиот тестен модел дојде со 8-степен автоматски менувач, кој навистина одлично си ја извршува работата. Можете да го оставите самиот да си ги менува брзините, но можете и самите да ја земете работата во своите раце и преку лопатките поставени на управувачот да бидете едно скалило поблиску до забавата.

bmw-x4-carclub-gearstick

Менувачот реагира инстантно и во ниту еден момент нема да забележите каснење ниту пак некаква неволност да се смени степенот на пренос. Официјалните податоци зборуваат за 8 секунди „до стотка“ и максимални 212 километри на час.

bmw-x4-carclub-interior-frontlow2

За време на тестирањето, измеривме просечна потрошувачка нешто повисока од 9 литри на 100 километри – тоа можеби делува како да е високо, но верувајте – ова се одлични бројки за волкав автомобил со погон на сите четири тркала и автоматски менувач. Возете малку поконзервативно и сигурно ќе добиете и пониски бројки.

Богата опрема, многу играчки, но и многу спортски детали

bmw-x4-carclub-rear1

Пред самиот крај, да зборуваме малку и за опремата. Нашиот тестен модел дојде опремен со мал милион играчки, а меѓу најважните ги издвојуваме веќе-споменатиот М Спортски Пакет кој вклучува 19-инчни М алуминиумски фелни, ентериерот обложен во комбинација од штоф и кожа, спортските седишта за возачот и совозачот, деталите од брусен алуминиум, М-аеродинамичкиот пакет на екстериерот, спротски-нагодената суспензија, M-Individual Shadow Line пакетот кој ги заменува хромираните детали со детали во сјајна црна боја, би-ксенонските светла со светлечки прстени, 2-зонски клима уред, можност за Bluetooth поврзување и уште многу, многу други ситници.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: BMW го најавува новиот iX3 со Vision Neue Klasse X

Секако, BMW X4 доаѓа и со грст воздушни перничиња и неколку системи за активна и пасивна безбедност. Иако сè уште не е тестиран од EuroNCAP, неговиот брат близнак X3 освои максимални 5 звездички, па сигурни сме дека и X4 ќе постигне исти резултати.

Ова не е автомобил за оние кои сакаат да останат незабележани!

bmw-x4-carclub-rear2

Финалните впечатоци за X4 се интересни. Контраверзниот дизајн ги привлекува погледите на минувачите, а досегашното искуство кажува дека BMW има вистински хит во своите салони. Луѓето ги сакаат ваквите автомобили, и има зошто – зад воланот X4 е забавен за возење и нуди искуство налик на спортски автомобил. Од друга страна, тоа не значи дека теренските способности му се компромитирани – неодамна имавме можност да ги воземе X-моделите на BMW надвор од асфалтот и останавме импресионирани од нивните можности – а секако во одлично светло се покажа и X4. За волја на вистината, ова е вистински Jack of All Trades – автомобил кој го привлекува вниманието, нуди одлична забава зад воланот, кога сакате може да биде исклучително економичен, но да понуди и авантура надвор од трасираните патишта. Во ред, не е толку практичен како X3, но навистина – дали е тоа важно?

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 190 коњски сили / 4000вртежи во минута
  • Вртежен момент: 400 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 8 брзини
  • Максимална брзина: 212 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.0 секунди
  • Должина: 4671 mm
  • Ширина: 2089 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1624 mm
  • Тежина: 1815 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2810 mm
  • Багажен простор: 500 литри
  • Потрошувачка: 9.2 литри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: BMW X4 xDrive20d – 49.740 Евра
  • Цена на тестираниот модел: BMW X4 xDrive20d M-Sport – 70.970 Евра
    Повеќе информации: BMW.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.