full screen background image
Search

Ford го произведе 10.000.000-тиот Mustang – во истата бела боја како и првиот примерок!

Во фабриката во Flat Rock, Ford неодамна го произведе 10.000.000-тиот примерок на легендарниот Mustang – и  тоа во истата Wimbledon White бела боја во која беше произведен првиот Mustang!

Јубилејниот модел е „чичка нов“ Mustang GT Convertible во Wimbledon White бела боја. Но нека не ве залажува белата боја – има причина зошто е таква. Токму првиот примерок на Mustang беше исто така кабриолет, и исто така во бела боја.

Но она што ги двои првиот и модерниот Mustang се технологиите и мотоприте. Првиот Mustang имал 3-брзински автоматски менувач и голем V8 бензинец кој испорачувал не-баш-сензационални 164 коњски сили, додека денешниот,  јубилеен Mustang има 5-литарски V8, 6-степен мануелен менувач и 460 коњски сили! Верувале или не, првиот и јубилејниот Mustang ги двојат дури 54 години!

Ford навистина се гордее со Mustang – тој е најпродаван спортски автомобил во САД веќе пет децении, а според Ford, Mustang се има појавено во повеќе филмови од било кој друг автомобил.

Ние на почетокот на оваа година во Франција имавме одлична и ексклузивна можност да го возиме новиот Mustang – прочитајте и погледнете како си поминавме со американскиот мускулест автомобил.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.