Среќен Роденден Audi TT – Со фејслифтот на германското купе добиваме и специјална роденденска изведба! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Среќен Роденден Audi TT – Со фејслифтот на германското купе добиваме и специјална роденденска изведба!

Со фејслифтот на TT, Audi не само што го освежува популарното купе, туку претстави и специјална изведба по повод 20-годишнината од лансирањето на легендарниот автомобил!

Како што и очекувавме – измените се дискретни, но забележителни. Предниот дел добива подефинирана, тродимензионална маска на ладилникот и големи отвори за воздух. Задниот дел добива нов редизајниран браник каде внимание е посветено на хоризонталните линии, односно на широчината на Audi TT. S-Line верзијата добива нов преден сплитер, вертикални отвори за воздух, црна маска на ладилникот, странични прагови и заден браник со поистакнат дифузер.

Големи промени во ентериерот нема – сепак ентериерот беше една од најсилните страни на ТТ, па не ни имаше потреба од некакви посериозни зафати. Новиот TT добива и три нови бои – Cosmos Blue, Pulse Orange и Turbo Blue.

Во однос на моторите, стариот 1.8-литарски TFSI со 180 коњски сили оди во пензија, а на негово место доаѓа 2-литарски TFSI со 197 коњски сили. Истиот 2-литарски TFSI ќе се нуди во уште две верзии – со 230 и 245 коњски сили. Силата кај TT S се намалува од 310 на 306 коњски сили, но според Audi и покрај незабележливо намалената моќност, всушност има подобрување кај перформансите. Следната година ќе пристигне и освежениот TT RS кој користи 2.5-литарски TFSI со 5 цилиндри.

Специјалната роденденска верзија ќе ја носи ознаката ТТ 20 Years и ќе биде произведена во само 999 примероци. Оваа верзија ќе добие специјална Nappa кожа и специјални Panuka контрастни опшивки кои всушност асоцираат на модели од првата генерација. Роденденската верзија добива и специјални значки, завршетоци на издувниот систем, Matrix OLED задни светла и две специјални бои – Arrow Grey или Nano Grey.

Поврзано:   Carlos Sainz освои историска победа за Audi на Dakar 2024!

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.