full screen background image
Search

Audi и Hyundai ќе соработуваат на развој на горивни ќелии

Германскиот и корејскиот бренд имаат намера да соработуваат при развој на горивни ќелии наменети за автомобилската индустрија.

Audi AG и Hyundai Motor Group заедно ќе работат на унапредување на развојот на технологијата на горивни ќелии. Соработката ќе биде во форма на взаемно разменување на лиценци за патенти и пристап до не-конкурентски компоненти.

Договорот во моментов е во процес на одобрување кај соодветните регулаторни тела, но се очекува да помине без никакви проблеми низ соработката двете компании да придонесат кон омасовување на технологиите на горивни ќелии.

Според Peter Martens, одговорен за технички развој во Audi AG – „ова е здружување на силите со силен партнер каков што е Hyundai. За пробивање на одржливата технологија, соработката е паметниот начин да се биде лидер со иновациите преку привлечни ценовни структури“. Поточно, сака да каже дека со оваа соработка ќе се намалат цените за производство на горивните ќелии и возилата кои ги користат ќе бидат попривлечни и подостапни за купувачите.

„Увередени сме дека соработката со Audi успешно ќе ги демонстрира визијата и придобивките на автомобилите на горивни ќелии на глобалното општество“ – изјави Eusiun Chung, подпретседателот на Hyundai Motor Company, и додаде – „овој договор е уште еден пример за силната посветеност на Hyundai кон креирање одржлива иднина и подобрување на животите на клиентите со возила на водород.“

Всушност, многу од познавачите се уверени дека токму водородот (односно, возилата кои користат горивни ќелии – FCEV (Fuel Cell Electric Vehicle) е иднината на транспортот. Горивните ќелии овозможуваат голема автономија и кратко време на полнење – исто како конвенционалните фосилни горива. Возилата на батерии сè уште не можат да понудат ваква инфраструктура, па токму затоа горивните ќелии се наметнуваат како поконкретно решение. Hyundai веќе со години нуди возило на горивни ќелии, а Audi планира за околу две години да понуди мал SUV кој ќе користи токму горивни ќелии – иако веќе 20 години ги развиваат технологиите кои резултираа со A7 Sportback h-Tron Quattro концептот претставен во 2014.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.