АВТОбиографија: Владимир Спировски и неговиот шармантен Fiat 500! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

АВТОбиографија: Владимир Спировски и неговиот шармантен Fiat 500!

Серијалот наречен АВТОбиографија го продолжуваме со нашиот пријател Владимир Спировски и неговиот прекрасен мал Fiat 500!

Кога бев дете собирав модели на автомобили

Здраво Владимир! Пред да започнеме да зборуваме за твојот автомобил, кажи ни нешто за тебе.

Од 8 до 5 сериозен и посветен адвокат, после 5 и за викенди несериозен дечко со голема љубов и пасија за скоро се што е на моторен погон. Од 3-годишна возраст ги знаев сите модели на сите коли на улица, како дете собирав модели на автомобили, сега би сакал да направам некаква мини колекција од вистинските возила кои за мене имаат некаква вредност.

Малиот Fiat 500 има култен статус кај нас – во голема мера и заради Zastava 750 – зошто се одлучи токму за Fiat 500?

Затоа што кога и да видев Fiat 500 во странство ме смееше со неговата појава, а сега гледам истата позитивна енергија ја шири и кај скопјани кои редовно ме отпоздравуваат и ме прашуваат за количето. Старото Mini и Fiat 500 за мене имаат посебен шмек од олдтајмерите кои се подостапни, па од тие две се одлучив за Fiat 500 затоа што италијаните се посебна приказна во автоиндустријата.

Едни планови, друга реалност…

Зборувај ни малку за процесот на реставрација на твојот Fiat 500? Каде го најде автомобилот? Како одеше реставрирањето, имаше ли некакви проблеми и интересни случки?

Барајќи Fiat 500 конечно најдов еден примерок во Словенија и додека да организирам логистика за да одиме да го земеме, 2 часа пред тргање се продаде возилото. Но, една недела подоцна ми се јави еден дечко од Скопје кој пред тоа не сакаше да го продаде неговиот Fiat 500 кој беше растурен и во некоја почетна фаза на реставрација и нормално не сакав да ја пропуштам шансата, па ете сега го возам токму тој автомобил.

Поврзано:   Fiat најавува пет нови модели со пет супер-креативни концепти!

Првичната идеја беше да го потсредам за да може да се вози, без притоа да навлегувам премногу во детали и секако да не потрошам многу пари. Година дена покасно имав купено 90% нови делови, повеќе од пола делови ги имам по 2 пати и потрошив три пати повеќе пари од планираното. :)

Живеење со стар автомобил е како живеење со стара куќа. :)

Како е да се живее со еден ваков, уникатен автомобил?

Како со стара куќа. Цело време има работа околу Фиатчето. Таман ќе средиш еден ситен проблем, ќе излезе друг и така во круг. Најбитно е дека ме прави среќен секогаш кога ќе го извозам низ град, а и да застане некаде има еден куп случајни минувачи кои се среќни да ме гурнат за пак да запали да можам да го однесам до гаража или до следен семафор. :)

Кои се твоите планови за во иднина, што планираш да правиш со твојот Fiat 500?

Прво планирам сите ситни проблеми да ги средам, а да почнам со купување на нов резервоар во наредниве месеци. Второ, планирам да го возам многу повеќе и трето, планирам никогаш да не го продадам.

Ти благодариме за одвоеното време, а сигурни сме дека ти благодари и нашата верна публика!

Ви благодарам и на Вас, а и на Вашата верна публика. Мило ми е што конечно успеавме Фиатчето и неговата приказна да станат дел од овој серијал на CARclub.

Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.