Mercedes-Maybach S650 Pullman – За вистинските плутократи. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mercedes-Maybach S650 Pullman – За вистинските плутократи.

По неодамнешното освежување на големата S-Class, Mercedes-Benz му посвети внимание и на големиот Mercedes-Maybach Pullman.


Големата – 6.5 метри долга – луксузна лимузина добива ревидирана предна маска, нови 20-инчни тркала, нови бои и нови двобојни комбинации. Ентериерот исто така добива нови опции во однос на материјали и бои, а задниот дел сега собира четири патници кои можат да бидат завртени еден кон друг и да уживаат во „најдарежливиот простор за нозете во сегментот.“ Интересен новитет е и „2 Cabin Sound“ системот кој овозможува независно контролирање на аудио уредот меѓу предниот и задниот дел.

Инаку, со новиот модел доаѓа и нова ознака. Пред освежувањето, големиот Maybach ја носеше ознаката S600, додека сега ќе ја носи ознаката S650. Задолжен за придвижување на големиот луксузен автомобил е 6-литарски твин-турбо V12 кој сега испорачува 630 коњски сили и 1000 Nm вртежен момент – зголемување од 100 коњски сили и 170 Nm, соодветно. Сепак, и покрај монструозната моќ, перформансите не се спектакуларни (но не се ни за потценување, ако сме реални) – 100 километри на час пристигнуваат за 6.5 секунди, а просечната потрошувачка според официјалните податоци е 14.6 литри на 100 изминати километри.

Но да бидеме искрени, сето тоа е неважно – ова не е автомобил кој го купувате заради перформансите – туку заради врвниот луксуз кој го добивате. Цената на ваквиот луксуз започнува од околу 500.000 евра, а наскоро ќе биде претставена и блиндираната „Guard“ верзија.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.