Женева 2018: Lexus го претстави својот најмал кросовер – новиот UX – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Женева 2018: Lexus го претстави својот најмал кросовер – новиот UX

Новиот премиум компактен кросовер на Lexus го носи името UX – и ќе се нуди со бензински или хибриден погон.

Како што и очекувавме, UX изгледа несекојдневно и храбро – исто како сите други модели на брендот. На предниот дел доминира големиот отвор за воздух, а остатокот од дизајнот верно ги следи насоките на другите модели на јапонскиот премиум бренд.

Новиот UX е долг 4495 милиметри и има меѓуоскино растојание од 2640 милиметри. Ова нуди сосем доволно простор во ентериерот – кој патем изгледа модерно, скапо и хај-тек. Секако, бидејќи се работи за Lexus можеме да очекуваме беспрекорна завршна обработка и висококвалитетни материјали во кабината.

Lexus UX ќе се нуди со две погонски единици. Едната ќе ја носи ознаката UX 200, и ќе користи нов четири-цилиндерски мотор кој испорачува 168 коњски сили. Скалило над него (и сигурно вистинскиот избор за голем процент од купувачите) ќе биде UX 250h кој – погодувате – користи хибриден погон за вкупно 176 коњски сили и погон на сите четири тркала благодарение на електромоторот поставен на задната оска.

Секако, ќе се нуди и F-Sport пакет со спортска суспензија и поспортски лик. Производството ќе започне во текот на оваа есен.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.