full screen background image
Search

Женева 2018: Со I.D. Vizzion, Volkswagen го најавува новиот знаменосец кој ќе пристигне во 2022

Концептот кој Volkswagen го претстави во Женева е своевидна најава за нов знаменосец кој ќе пристигне на пазарот во 2022, а ќе резултира со целосно-автономно возило само неколку години подоцна.

Новиот I.D. Vizzion не само што е целосно-електричен, туку користи врвна технологија за интерфејс со возачот и патниците. Кога технологиите за вештачка интелигенција ќе созреат доволно, „мозокот“ на I.D. Vizzion ќе може да ги препознае, разбере и оцени насоките од возачот и патниците – кои ќе се добиваат преку гласовни команди или гестикулации.

Секако, моделот кој ќе пристигне во 2022 најверојатно нема да ги има сите овие технологии, но веќе знаеме дека ќе биде еден од најнапредните модели кои ќе постојат. Концептот уште сега користи два електромотори, два менувачи и Литиум-Јонска батерија со капацитет од 111 kWh.

Предниот мотор испорачува 101 коњска сила, задниот 202 коњска сила, а перформансите се сосем респектабилни – 100 километри на час се постигнуваат за 6.3 секунди а максималната брзина е 180 километир на час. Очекуваната автономија е повеќе од 660 километри, а со тоа – кажуваат од Volkswagen – би се елиминирала анксиозноста за патување на подолги релации со електричо возило.

Концептот е навистина голем – I.D. Vizzion е долг 5.16 метри, широк 1.94 метри и висок 1.5 метри – но навистина импресивно е меѓуоскиното растојание од 3.09 метри. I.D. Vizzion добвива и големи тркала, осветлена Volkswagen значка, HD Matrix светла, ниска линија, и уште многу, многу други врвни технологии. Големо внимание е посветено на чувството на просторност, а задниот прозорец може да функционира и како голем OLED дисплеј на кој се прикажуваат разно-разни информации.

Она што ќе го забележите е дека во кабината нема класични инструменти – се користат само гласовни команди и гестикулации. Новитет е и HOLOLENS технологијата која проектира виртуелен интерфејс преку систем за вирутелна реалност. Интересен додаток е и Виртуелниот Асистент кој непрекинато следи сè што се случува околу автомобилот и не само што ќе ви ги пренесе сите информации, туку ќе се погрижи да ви биде комфорно – на пример, може да ја прилагоди температурата внатре во возилото за вас.

I.D. Vizzion ќе нуди три режими на работа – Relax, Active и Family. Во Active режимот седите како што и инаку би седеле во автомобилот. Во Relax режим сè е ориентирано кон комфорот – се појавува наслон за вашите стапала, опуштена музика свири во кабината а амбиенталното осветлување е во потопли нијанси. Вo Family режимот се потенцира можноста за поминување време со семејството.

Навистина нè интересира како ќе изгледа серискиот модел – но ќе мораме да причекаме уште две-три години.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.