ПРЕМИЕРА: Електричната ера на Jaguar започнува со I-PACE! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Електричната ера на Jaguar започнува со I-PACE!

Британскиот бренд го претстави своето прво целосно-електрично возило кое ќе се вика I-PACE, ќе има автономија од 475 километри и ќе забрзува до 100 километри на час за 4.5 секунди!


Новиот I-PACE е поставен на целосно нова платформа, која ветува не само одлични перформанси, туку и врвна технологија и динамични возни својства. „Започнавме со празен лист хартија за да ја употребиме најдобрата технологија на батерии и да искористиме архитектура развиена од самиот почеток да ги оптимизира перформансите, аеродинамиката и просторот во кабината. Резултатот на сето ова е I-PACE – вистински Jaguar и електричен автомобил кој навистина е фокусиран кон воазачот.“ – изјави Ian Hoban од Jaguar.

Што значи тоа? Тоа значи Литиум-јонска батерија со капацитет од 90 kWh, автономија од 475 километри и можност за полнење до 80% за 85 минути со полнач со моќност од 50 kW, односно за само 40 минути со полнач со моќност од 100 kW.

Доколку се полни во домашни услови, полнење од 80% се постигнува за 10 часа. Перформансите се импресивни – два електромотори испорачуваат вкупно 400 коњски сили и 696 Nm вртежен момент кон обете оски, а тоа значи забрзување до 100 километри на час за само 4.5 секунди.

Благодарение на распоредот на батериите, дистрибуцијата на тежина е идеална во однос 50:50 напред и назад, а бидејќи на I-PACE работеле инженерите на Jaguar, можеме да очекуваме и динамично управување.

Кабината ќе нуди рекордна понуда на простор, благодарение на интелигентното распоредување на елементите. Покрај дарежливата кабина, I-PACE ќе нуди и 656 литри багажен простор, односно 1453 литри со преклопени задни седишта. Сето ова е со цел да се потенцира практичноста на I-PACE, кој всушност треба да понуди еколошка прифатливост на електрично возило комбинирана со практичност на SUV.

Нарачките се веќе отворени!

Видео

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.