Официјално: Пристигна новата генерација на Audi A6! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Пристигна новата генерација на Audi A6!

Audi штотуку ја претстави новата генерација на премиум седанот А6, која презема многу стилски елементи од поголемиот А8 и поспортскиот А7.

Автомобилот е дизајниран по новиот еволуирачки дизајнерски јазик на компанијата и се одликува со широка предна решетка која ја опкружуваат големи отвори за воздух и аглести светлосни групи. Гледан во профил, новиот А6 добива помускулест изглед и нови карактерни линии.

На задниот дел се забележува интегриран спојлер на багажникот и опционални LED светла со девет вертикални сегменти, споени меѓу себе со хромирана лајсна. Новата генерација ќе биде понудена со три различни видови на светла, вклучувајќи ги и врвот на гамата HD Martix LED светлосни групи кои имаат претпознатлива графика.

Германскиот производител го намалил коефициентот на отпор на воздух на 0.24, но исто така го зголемил автомобилот во димензии, благодарение на кои новата генерација нуди повеќе место за нозете на задната клупа, како и дополнително место за главите и рамената.

Ентериерот во најголем дел е преземен од А7 и се одликува со футуристички дизајн кој комбинира материјали со висок квалитет заедно со премиум детали. Во највисокото ниво на опрема, купувачите ќе добијат 12.3-инчен дигитален дисплеј како инструмент табла, 10-инчен мултимедијален дисплеј и пониско поставен 8.6-инчен дисплеј кој овозможува контрола на клима уредот и останатите опции. Автомобилот исто така добива и целосно нови седишта кои нудат греење, вентилација и масажа за предните патници.

Новиот Audi A6 ќе биде лансиран со два различни агрегати. Првиот е 3.0-литарскиот турбо бензински V6 TFSI агрегат со 340 кс и 500 Nm вртежен момент. Усогласен е со седум-степена S-tronic трансмисија и стандарден погон на сите тркала кој му овозможува на седанот да забрза од 0-100 км/ч за 5.1 секунда пред да ја достигне максималната брзина од 250 км/ч.

Вториот избор е наменет за фановите на дизел моторите и е всушност 3.0-литарскиот V6 TDI агрегат, кој испорачува 286 кс и 620 Nm вртежен момент. Оваа погонска единица е во комбинација со осум-степен tiptronic менувач и Quattro погон на сите тркала.

И двете опции доаѓаат со хибриден систем кој се состои од стартер со ремен-алтернатор и литиум-јонска батерија. Според Германскиот производител, овој систем помогнува за намалување на просечната потрошувачка за околу 0.7 литри на 100 километри.

Што се однесува до перформансите, новиот A6 има подобрена суспензија и прогресивен систем за управување кој станува подиректен кога се зголемува аголот на вртење. Купувачите ќе можат да одберат помеѓу класични челични пружини или адаптивна воздушна суспензија со контролирана мекост, како и спортски диференцијали со спортска суспензија.

Бидејќи Audi се пионери во автономно возење, не е изненадување дека А6 ќе се нуди со многу системи за асистирање на возачот. Тука ќе бидат пакетите за автоматско паркирање, асистирање при промена на коловозните ленти и помош за задржување на возилото во моменталната лента на возење.

Новата генерација на Audi A6 ќе биде лансирана во Германија овој Јуни, а цените за моделот A6 50 TDI ќе започнуваат од 58,000 евра.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.