Протекоа први фотографии од новиот Peugeot 508! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Протекоа први фотографии од новиот Peugeot 508!

На само неколку дена пред официјалната премиера во Женева протекоа првите официјални фотографии од новиот голем седан на Peugeot!

Фотографиите кои се појавија на Интернет го откриваат новиот, модерен и затегнат дизајн на знаменосецот на Peugeot. Познавачите на брендот ќе забележат детали кои влечат инспирација и од постарите модели на Peugeot – конкретно, 405 и 406, но во модерна, динамична интерпретација.

На предниот дел се истакнуваат широките светла и скоро-вертикалните дневни светла во форма на „заби“, страничните линии се чисти и луксузни, а задниот дел е ретро-модерен. Севкупно, дизајнот е привлечен и повторно јасно се наметнуваат премиум-аспирациите на францускиот бренд.

Но ако екстериерот е модерен, тогаш кабината е нешто посебно – Peugeot 508 ќе ја добие најновата интерпретација на i-Cockpit кабината каде доминираат високата технологија, многу внимание посветено на деталите и секако – малиот управувач кој стана карактеристичен за Peugeot.

Сега за сега не се потврдени никакви детали околу технологиите и моторите кои ќе се вградуваат во новиот 508 – за тоа ќе треба да „се стрпиме“ до официјалната премиера – но веќе се шпекулира дека покрај очекуваните турбо-бензински и турбодизел мотори во гамата ќе се најде и хибриден модел кој би требало да нуди околу 300 коњски сили!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.