full screen background image
Search

Škoda ја претстави освежената Fabia

Пред само неколку моменти, чешкиот производител ги објави деталите околу освежената Fabia.


Еден од најважните новитети кај освежената Fabia се редизајнираните предни и задни светла кои користат LED технологија. Новите предни светла се дел од редизајнираниот преден дел, кој според дизајнерите на Škoda сега „зрачи со свежа енергија и елеганција.“ Секако, ќе забележите многу ситни изменети детали на екстериерот – редизајнирани се и браниците, а дел од фејслифтот се и нови бои и нови алуминиумски тркала, кои сега можат да бидат во дијаметар до 18 инчи.

Редизајнирана е кабината – па сега има нови материјали и бои, нови функционалности и нови практични додатоци – редизајнирани се инструментите, има нови можности за материјали во кабината, а Škoda додаде и неколку Simply Clever додатоци – патниците на задната клупа ќе добијат USB конекции за полнење на разно-разни уреди, како и држач за таблети, а во багажникот ќе можете да добиете двостран патосник и LED батериска ламба.

Основен мотор и понатаму ќе биде 1-литарскиот MPI со 60 или 75 коњски сили, а чекор погоре е 1-литарскиот TSI кој може да биде со моќност од 95 или 110 коњски сили. Најмоќниот мотор ќе може да се комбинира и со DSG менувач со двојна спојка.

Освежената Škoda Fabia ќе го има своето официјално деби во Женева – кога ќе имаме уште повеќе информации и фотографии од популарниот хечбек.



Андреја е Алфа и Омега кога станува збор за CARclub. Опседнат со автомобилите, кога не зборува за нив, сонува за денот кога ќе вози кабриолет по Француската ривиера.