Alfa Romeo минатата година го зголеми производството за 62%! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Alfa Romeo минатата година го зголеми производството за 62%!

Минатата година беше добра за Alfa Romeo – благодарение на одличната Giulia и популарниот SUV Stelvio, италијанскиот бренд го зголеми производството за дури 62%!


Иако бројките на Alfa Romeo не се спектакуларни – барем не во споредба со директните конкуренти – сепак, 2017 беше одлична година за италијанскиот бренд. Минатата година Alfa Romeo произведе 150.722 автомобили – скок за дури 62% во однос на 2016 кога биле произведени 93.117 автомобили. Ова се неофицијални бројки според Fim-Cisl (италијанската унија на метало-преработувачи и производители).

И покрај зголеменото производство, Alfa Romeo не ги исполни очекувањата на Sergio Marchionne кој во Април минатата година изјави дека очекува брендот да продаде 170.000 возила во 2017. Сепак, бројките не се ни многу далеку, а токму според Marchionne главни „кривци“ се слабата продажба во САД и Кина. Сепак, бројките на Alfa Romeo се за поздрав – во 2016 продале само 516 автомобили во САД, а таа бројка во 2017 е дури 12.032 возило.

Според аналитичарите од JATO Dynamics, глобалната продажба на Alfa Romeo за 2017 се очекува да биде некаде помеѓу  140.000 и 150.000 возила. Италијанскиот бренд ќе продолжи да вложува во зголемување на својата мрежа на дилери, но и промоција на одличната Giulia и популарниот Stelvio (обата автомобили ние веќе имавме можност да ги возиме минатата година). Оваа година не се очекуваат нови модели, но се надеваме дека ќе бидеме изненадени. Според плановите на FCA, Alfa Romeo треба да има вкупно 8 модели до 2020.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.