full screen background image
Search

Mercedes-Benz откри уште детали за новиот G-Class!

Новиот G-Wagen е замислен да биде уште поспособен од својот претходник, па легендарниот теренец заврши уште една тура тестирања, и тоа на 1445-метри високиот Schöckl близу австрискиот град Graz каде и се произведува!


За да може да се соочи со најпредизвикувачките терени, новиот модел е поставен врз класична рамка, и повторно е опремен со три диференцијали кои можат 100-процентно да бидат заклучени, а тука е и редукторот кој дополнително ги подобрува можностите на G-Wagen. Новитет е целосно новата, независна предна суспензија и нова предна оска која му овозможува на новиот автомобил да ги надмине можностите на предходникот, а новата задна оска овозможува „поробустна контрола“ врз автомобилот.

Новиот автомобил има агли на пристап и заминување од 31, односно 30 степени, а може да вози во вода длабока до 70 сантиметри. Дополнително, има агол на прекршување од 26 степени и зголемено вертикално движење на суспензијата. Новитет е G-Mode режимот на работа кој автоматски се активира кога е вклучен редукторот или некој од трите диференцијали е заклучен. Според Mercedes, овој режим ги менува параметрите за педалата за гас, управувањето и адаптивната суспензија.

Од Mercedes-Benz потврдија и дека новиот G-Class ќе добие целосно нов 9G-TRONIC автоматски менувач кој е специјално дизајниран токму за овој модел. Според она што го кажуваат, новиот менувач ќе го направи луксузниот теренец да биде уште потивок, покомфорен и поекономичен. Редукторот може да се активира при брзини до 40 километри на час и го менува односнот на брзините од 1.00 на 2.93. Секако, тука ќе бидат и многуте помагала, меѓу кои и систем за 360-степенски приказ од птичја перспектива, а и специјален off-road дисплеј кој ги прикажува сите „теренски параметри“ на големиот теренец.

Премиерата е закажана за 15-ти Јануари – бидете подготвени!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.