Сподели! ;)

Германскиот производител потенцијално ќе ја прошири својата гама на електрични возила со помали конвенционални, но и големи SUV модели за да биде во чекор со пренасочувањето кон ваквите автомобили.

BMW веќе ги регистрираше имињата од i1 до i9, како и од iX1 до iX9 – и оваа информација доаѓа директно од претседателот Harald Krueger. Тие сега за сега продаваат само две возила со ознаката i – и тоа градскиот i3 и спортскиот i8. Во план се најмалку уште две електрични возила (кои најверојатно ќе ги носат ознаките i5 и i9) – но според Krueger, следното електрично возило на BMW ќе биде брз основа на X3 (кој тукушто беше претставен и кај нас) и ќе се вика iX3.

Krueger изјви дека „Во 2020 ќе го лансираме новиот целосно-електричен X3. Во него, i и X ќе се соединат.“

Тој не сакаше да коментира за другите електрични модели, но веќе се шират гласини дека знаменосецот на електричната гама ќе ја носи ознаката i9. BMW уште во Мај оваа година потврди дека знаменосецот на i-брендот ќе се произведува во фабриката во Dingolfing, Германија од 2021. BMW планира оваа година да продаде околу 100.000 електрифицирани возила ширум светот, и веќе се предвидува дека следната година таа бројка ќе достигне 150.000. Планот на BMW е до 2025 да понудат дури 25 различни електрифицирани модели, меѓу кои и 12 целосно-електрични возила. Според плановите, електричните и електрифицирани возила би требало да имаат удел од околу 25% во вкупната продажба.

Интересен е и планот за развој на X-моделите на BMW. Според Krueger, дури една третина од вкупната продажба на BMW оди токму кај овие модели, па сосем е разбирлива амбицијата да се понудат уште автомобили – следната година ќе бидат лансирани уште две нови SUV изведби – новиот X2, како и големиот SUV со седум седишта – X7. Според Krueger, 2018 ќе биде „годината на Х.“