Сподели! ;)

Porsche неодамна ја лансираше најновата, трета генерација од популарниот Cayenne – а ние ја искористивме одличната можност подобро да го запознаеме новиот SUV од Штутгарт!


Ако едноставно кажеме дека Cayenne е важен модел за Porsche, нема да кажеме доволно. Двете досегашни генерации на германскиот SUV се вистински успех – првата генерација е продадена во над 250.000 примероци, а втората во повеќе од 500.000 примероци. Очигледно, пристапот на Германците е успешен, а рецептот погоден. Повторно и повторно, Cayenne се покажа како компетентен SUV кој успева да ги исполни очекувањата како на асфалтот, така и надвор од него.

Сепак, тој успех и таа компетентност има и свој „товар“. Тој товар доаѓа во форма на високи очекувања на купувачите – тие едноставно очекуваат Cayenne со секоја итерација и генерација да станува сè подобар – а кога веќе еднаш сте понудиле импресивен продукт, треба навистина да се потрудите за следниот да биде уште подобар.

Дизајнот е еволуција…

При првиот контакт со новиот Cayenne, визуелните впечатоци се типично Porsche-овски. Дизајнот на новиот автомобил е очигледна еволуција на дизајнот на неговиот претходник. Всушност, тоа е пристапот на Porsche кога станува збор за дизајнот – внимателна и одмерена еволуција на моделите со цел да се задржат како визуелниот идентитет, така и наследството на брендот. Гледан однапред, разликите не се преголеми – но поставете ги стариот и новиот модел еден до друг и ќе забележите дека најновиот Cayenne е поостар, со подефинирани отвори за воздух и поинтересно-изведени предни светла.

Особено се привлечни четирите LED дневни светла поставени во светлата кои му даваат на Cayenne препознатлив Porsche идентитет. Но ако сè прашуваме ние, најдобро е изведен задниот дел – особено оној кул ретро-футуристичен детал во форма на споените задни светла кој станува препознатлив за моделите на Porsche.

…но технологиите се револуција!

Сепак, вистинската револуција е под кожата. Новата платформа и новите технолошки решенија го прават новиот Cayenne првиот SUV кој нуди вистински Best Of Both Worlds пакет. Како, прашувате?

Тајната е во новиот 48-волтен електричен систем кој е дел од MLB Evo платформата. Овој електричен систем му овозможува на Cayenne да добие неколку иновативни системи кои го овозможуваат квантниот скок. Досега, купувачите кога купуваa SUV можеа да изберат меѓу теренец со мека суспензија кој има вистински теренски потенцијал, или пак спортски SUV кој за да не се навалува во свиоци (и да може да го оправда делот Sport во Sport Utility Vehicle) има прецврста, дури некомфорна суспензија.

Решението на Porsche доаѓа во форма на неколку различни системи. Првиот систем се новите активни анти-рол-барови. Тајната е во моќен електромотор кој располага со 1200 Nm вртежен момент, кој може во реално време да го контролира навалувањето на Cayenne во свиоци. Односно, верувајте – да го елиминира. Cayenne останува „рамен“ во свиоци, скоро како Porsche Panamera.

Во ред, но дали тоа резултира со камен-тврда суспензија? Не. Вториот систем се новите, подобрени воздушни амортизери кои сега имаат три наместо две комори во секој агол – а тоа овозможува значително побрзо и попрецизно регулирање на суспензијата – па кога сакате да биде комфорна, таа е комфорна, а кога сакате да биде спортска и динамична, таа спортска и динамична. Но оставете го селекторот во Normal, и Cayenne идеално ги совладува сите нерамнини без притоа да „плива“.

Третиот дел од равенката е новиот систем за управување на задната оска. Океј, ова не е нешто ново – Porsche веќе вградува ваков систем како во новата Panamera, така и во некои верзии на 911 – но токму системот за управување на задната оска го прави Cayenne подинамичен и поагилен – и онаа можеби малку клише изјава дека „автомобилот како да се собира  околу вас“ е сосем вистинита кога зборуваме за Cayenne. Ставете го големиот, скоро два тони тежок SUV во Sport или Sport+ режим на работа и ќе мислите дека возите одличен хот хечбек со погон на сите четири тркала, а не масивен теренец.

Во сите ситуации, управувањето е директно, прецизно и предвидливо. Насочете го големиот Cayenne во свиок и германскиот SUV послушно ќе ги изврши наредбите – дури е чудна леснотијата со која Cayenne ги покорува свиоците. Автоматскиот менувач со 8 степени на пренос работи идеално мазно и рафинирано, и веднаш го наоѓа потребниот степен на пренос за саканата ситуација. Како што рековме – како да возиме хот хеч, а не голем теренец!

Нов, ултра-модерен хај-тек ентериер

Отворете ја вратата и ќе Ве пречека еден од најмодерните и најпривлечните ентериери меѓу денешните луксузни теренци. Ентериерот е очигледно инспириран од оној кај Panamera – добивате врвна ергономија и добра прегледност, комбинирани со одлична просторна понуда и многу, многу технологија. Пред возачот се поставени традиционалните пет „кругови“ со инструменти – но сега само централниот мерач е вистински, аналоген мерач. Лево и десно од него се поставени два седум-инчни дисплеи кои можат да бидат прилагодени да прикажуваат она што сакате да го видите, а на централната конзола е поставен голем, 12.3-инчен дисплеј преку кој се прикажуваат и контролираат многу од системите на автомобилот.

Централната конзола на прв поглед изгледа како да е уште еден голем панел чувствителен на допир, но всушност сите прекинувачи имаат хаптички фидбек и оддаваат повратна „информација“ кога ќе бидат притиснати – знаете кога сте притиснале некое копче. На задната клупа комфорно ќе се сместат двајца (па и тројца) патници кои ќе имаат повеќе од доволно простор, а багажникот ќе им понуди меѓу 770 и 1710 литри капацитет.

Три мотори – и перформанси како кај супер-автомобил!

На самиот старт, Cayenne се нуди во три изведби – Cayenne, Cayenne S и Cayenne Turbo. Основниот Cayenne користи 3-литарски V6 турбо-бензинец со еден турбополнач кој испорачува 340 коњски сили и 450 Nm вртежен момент, со кои забрзува „до стотка“ за 6.2 секунди (односно 5.9 со Sport Chrono пакетот).

„Златната средина“ e Cayenne S кој користи 2.9-литарски твин-турбо V6 со 440 коњски сили и забрзува до 100 километри на час за 5.2, односно 4.9 секунди, и на самиот врв е Cayenne турбо кој користи 4-литарски твин-турбо V8 со 540 коњски сили и го постигнува бенчмаркот од 100 километри на час за само 4.1 секунда, односно неверојатни 3.9 секунди со Sport Chrono пакетот – тоа се бројки за суперавтомобили!

Интересен новитет е и активниот заден спојлер – кој за прв пат се вградува во SUV. Во зависност од брзината спојлерот го менува својот агол, а во ситуации на нагло сопирање функционира и како воздушна кочница – и според инженерите од Porsche во екстремни ситуации ја скратува дистанцата на сопирање за два метри. Дополнително, ако го опремите вашиот Cayenne со сончев кров, кога кровот е отворен активниот спојлер функционира како додаток за „израмнување“ на несаканите турбуленции кои ги креира механизмот од кровот – типично германска прецизност.

Теренски предизвик?

Конечно, да зборуваме малку и за теренските способности – иако, ајде да бидеме искрени, ниту еден купувач на Cayenne нема навистина да вози по беспаќа со својот скап SUV. Но сепак – доколку е потребно, Cayenne нема да Ве разочара – дури и на супер-спортски пневматици Cayenne сосем лесно ги совлада теренските предизвици кои беа дел од нашата тестна рута – предизвици на кои многу други „теренци“ би „повлекле рачна“ и би дигнале раце.

Комбинацијата од погон на сите четири тркала, интелигентен систем за дистрибуција на моќта и вртежниот момент, и воздушната суспензија која овозможува навистина големо оддалечување од подлогата се покажа како повеќе од доволна!

Cayenne ги поместува границите.

Како што напоменавме – очекувањата се оправдано високи, но инженерите и дизајнерите на Porsche си ја сфатиле работата сериозно. Седнале, добро го „згреале столчето“ и подготвиле автомобил кој не само што ги исполнува, туку и ги надминува очекувањата. Со новиот Cayenne, Porsche не само што ги достигна границите, туку успеа и да ги помести значително нанапред. Конкурентите ќе треба да се помачат.