Сподели! ;)

Технологиите кои овозможуваат автономно возење кај автомобилите земаат сè поголем замав, па ајде малку да дискутираме за различните нивоа на автономност кои постојат.

Сакале ние или не, автономните технологии кај возилата земаат сè поголем замав и стануваат сè попопуларни. И ние самите имавме можност неколку пати да пробаме системи за автономно возење (на пример кај новата BMW Серија 5, но и големиот Volvo S90), па решивме малку подетално да ги разгледаме опциите.

Нивоа на Автономност

За најдобро да ги разбереме што точно значи „автономно возило“, да ги разгледаме неколкуте нивоа на автономност кои постојат:

Ниво 0 – Никаква Автоматизација

Во оваа категорија влегуваат возилата кои немаат никаков систем за автоматизација, дури ни темпомат.

Ниво 1 – Погонска Асистенција

Возилата кои имаат автоматизација од Ниво 1 асистираат во забрзувањето, сопирањето и делумно на управувањето. На пример, во оваа категорија припаѓа темпоматот како технологија за автоматизација, или пак некои системи за следење на коловозната лента.

Ниво 2 – Делумна автоматизација

Ова значи дека барем еден систем од системите за управување и забрзување/сопирање работат независно и користат информации од околината. Поточно, ова значи дека „возачот е ослободен од физичко управување со автомобилот со рацете на управувачот и стапалата на педалите во исто време.“ Сепак, според правилата, возачот мора да биде подготвен да го преземе управувањето во било кој момент.

Ниво 3 – Условна Автоматизација

Ова значи дека иако возачите се сè уште потребни, тие можат целосно му префрлаат контрола врз „критичните функции“ на автомобилот, но само под одредени услови. Поточно, ова значи дека возачот е присутен и може да интервенира, но не е потребно цело време да го надгледува автомобилот, односно може да прави нешто друго – да чита весник, да користи мобилни уреди, итн. Еден од првите автомобили кој нуди вакви технологии е новиот Audi A8, кој овозможува (во одредени услови, секако) возачот целосно да му ја препушти задачата за управување на возилото.

Ниво 4 – Висока Автономност

Возилата кои нудат автономност од Ниво 4 се предвидени да бидат дизајнирани да можат да ги извршат сите функции и да ги надгледуваат условите за време на целото патување. Во суштина, ова значи дека автомобилот ќе биде подготвен да ве однесе онаму каде што сакате, без вие да имате никакви обврски. Сепак, ова е ограничено на одредени региони и во одредени услови. Возилото треба да е подготвено самото да запре доколку возачот не ја преземе контролата врз возилото доколку тоа е потребно.

Ниво 5 – Целосна Автономност

Ова се однесува на целосно-автономен систем кој предвидува дека перформансите и можностите на автономното возило ќе бидат еднакви на човечки возач, со секое сценарио, па дури и во екстремни услови. Ова ниво на автоматизација не се очекува во (пре)блиска иднина. Никаква човечка интервенција не е потребна – на пример, роботизирано такси.

Што значи сето ова?

Ќе се изненадите, но некои од технологиите кои се користат за да се постигнат овие нивоа на автоматизација веќе ги имаме и во нашите автомобили – како на пример радарските темпомати и системите за автоматско следење на коловозните ленти. Сепак, прифаќањето и омасовувањето на автономните возила директно зависи од легислативата во секоја земја.

Сега за сега, некои држави во Соединетите Американски Држави – како што се Калифорнија, Невада и Флорида – имаат донесено закони кои дозволуваат тестирање на автономни возила на патиштата. Слични закони се донесени во Германија, Холандија и Шпанија, а некои градови во Европа веќе најавуваат планови за соодветни инфраструктурни промени кои би дозволиле автономни возила по нивните улици.

Сепак, автономните возила се неизбежен дел од иднината на автомобилите – и како што технологиите одат напред, законите треба да ги следат унапредувањата за можеме сите да ги почувствуваме придобивките од сето ова. Нашето мало искуство со автономните технологии ни кажува дека овие возила ќе бидат навистина популарни, па останува да видиме што сè ќе ни донесе иднината.