Сподели! ;)

Hyundai ги објави првите детали за интересниот HyperEconiq Ioniq развиен во соработка со Bisimoto Engineering кој ќе биде претставен на SEMA.

Луѓето од Hyundai го претставуваат HyperEconiq Ioniq како „иновативен концепт кој ги комбинира најдобрите технологии за хајпермајлинг, економичност и намалено триење.“

Специјално-доработениот Ioniq добива Bisimotor Dream Aero пакет кој ја подобрува аеродинамичноста – а тоа вклучува карбонски преден сплитер, странични прагови и поклопци на задните тркала. Дополнително, вграден е и заден спојлер како и 19-инчни тркала изработени од карбон кои се обвиени во пневматици со низок отпор на вртење.

Освен аеродинамичните подобрувања, Bisitmoto Engineering на овој Ioniq му вградија и Buddy Club алуминиумски шепи за сопирачките и специјална пониска суспензија. Суспензијата го приближува автомобилот до подлогата за да се намали отпорот на воздух.

Од Hyundai не кажуваат дали има некакви модификации во однос на перформансите, но потврдија дека се вградени специјални „e-generator“ модули и NGK свеќички. Сето ова, заедно со сите други измени нудат потрошувачка од само 2.9 литри гориво на 100 километри – одлично подобрување од веќе економичните 4 литри на 100 километри на Ioniq Hybrid.