Сподели! ;)

Поминавме неколку дена со новиот, освежен Volkswagen Golf опремен со 1.6-литарски турбодизел кој испорачува 115 коњски сили и ветува ниска потрошувачка!

Golf од седмата генерација е на пазарот веќе неколку години (ние првиот контакт го имавме пред неколку години со Golf VII 2.0 TDI Highline, па потоа и со 1.2-литарскиот TSI Trendline), а со неодамнешното освежување Volkswagen го „затегна“ својот бест-селер, му додаде некои технологии кои беа достапни само кај поголемите модели и го направи уште попривлечен и поконкурентен.

Дискретен фејслифт – if it’s not broken, don’t fix it.

Визуелните измени не се премногу очигледни – многумина најверојатно нема ниту да ги забележат. Но сепак, вреди да се спомене дека Golf добива редизајнирани предни и задни светла, затегнати и подинамични браници, неколку нови бои и дизајни на фелни – но генералната форма останува иста. Golf никогаш не бил најавантгардно-дизајнираниот автомобил во класата, но токму тоа го прави привлечен за широк спектар на купувачи.

Нам ни се допаѓаат редизајнираните „основни“ халогенски предни светла кои изгледаат значително поинтересно од порано. Ние секако би додале и алуминиумски фелни, и по можност би нарачале модел кој доаѓа со одличните LED предни светла – за сликата да биде комплетна. Не ни се допаѓа тоа што со фејслифтот, Volkswagen ги скри завршетоците од издувниот систем позади задниот браник кај скоро сите модели.

Комфорен и квалитетен ентериер

Во ентериерот приказната е слична – можете да добиете некои нови материјали, големиот дисплеј кој ги заменува традиционалните инструменти пред возачот, како и нов централен мултимедијален уред – но во суштина, инженерите на Volkswagen ја следеле „ако не е расипано, не го поправај“ филозофијата на нештата.

На предните седишта има повеќе од доволно простор за возачот и совозачот, како и многу места за одлагање ситници. Прегледноста е одлична и лесно се наоѓа комфорна возачка позиција. Сите контроли се токму каде што очекувате да бидат и ергономијата е типично германска – односно, одлична.

Менувачот и управувачот се обложени со кожа (како што и треба да бидат) а седиштата се комфорни дури и при подолги патувања. На задната клупа комфорно ќе се сместат двајца (по потреба  и тројца) патници кои ќе имаат доволно простор, а во багажникот нуди зафатнина од 380 литри – не е рекордер во класата, но отворот е правилен и доволно широк за внесување и поголеми предмети.

Доволно моќен и изненадувачки-економичен 1.6-литарски TDI!

Сепак, можеби најважен детал од нашето тестирање е 1.6-литарскиот TDI кој во оваа верзија нуди 115 коњски сили. Варијанти од овој мотор сме возеле во неколку наврати, но ова е прв пат да го пробаме токму во Golf. Малиот, 1.6-литарски турбодизел ги испорачува тие 115 коњски сили при 4000 вртежи во минута, а нуди и одлични 250 Nm вртежен момент достапни од 1500 до 3200 вртежи во минута.

Моќта се пренесува кон предните тркала преку 5-степен мануелен менувач и според официјалните податоци забрзувањето „до стотка“ трае 10.2 секунди а максималната брзина е 198 километри на час. Во ред, перформансите не се врескачки – но не се ни очекува да бидат, а се сосем соодветни за автомобил од оваа класа опремена со ваков мотор.

Она што е за пофалба е економичноста на малиот турбодизел – ние во градски услови измеривме потрошувачка која едвај надмина 6 литри на 100 километри, а на отворен пат доколку се придржувате до законските ограничувања очекувајте потрошувачката да падне „здраво“ под 5 литри на 100 километри. Всушност, во услови на оддржување брзина од 120 километри на час, моторот може да троши и под 4 литри на 100 километри. Дополнително, моторот сосем лесно го повлекува автомобилот во скоро сите услови – и единствено при повисоки брзини на автопат ќе посакате како малку повеќе моќност, така и шестта брзина.

Инаку, Golf продолжува да биде комфорен и стабилен автомобил. Поставен на 15-инчни тркала со „месести“ пневматици, Golf е скоро идеално комфорен – во кабината не се пренесуваат никакви несакани звуци ниту вибрации – всушност, Golf е еден од најтивките автомобили во класата – како низ град, така и на отворен пат. Управувањето е прецизно и неутрално, без наклонетост ниту кон подуправување ниту кон надуправување. Golf никогаш не бил најдинамичниот автомобил во класата, но не ни каска многу зад конкурентите под ова прашање.

Доволно опрема, врвна безбедност

Нашиот тестен автомобил беше во Trendline ниво на опрема, плус „еден куп“ дополнителна опрема – а тоа значи дека добива LED дневни светла, LED задни светла, климатроник, старт-стоп систем, електрично задвижување на сите прозорци, менувач и управувач обложени со кожа, контроли на управувачот, XDS електронски диференцијал, цел грст на воздушни перничиња и системи за безбедност, 6.5-инчен мултимедијален уред со колор дисплеј чувствителен на допир со можност за Bluetooth поврзување, електрична рачна сопирачка, централно заклучување, електрично нагодување на страничните ретровизори и уште многу, многу други ситници. За безбедноста на Golf зборуваат и петте ѕвездички освоени на EuroNCAP тестирањата.

Посакуван и популарен модел со вистински џокер во ракавот

На самиот крај – вреди да се напомене дека ова е прв пат Volkswagen официјално да направи фејслифт на Golf. Со измените, Golf е доволно освежен за да остане конкурентен со сè посилната конкуренција, без притоа да избега од успешната формула. Сето ова го прави Golf интересен за купувачите, а економичниот турбодизел е само дополнителен џокер во ракавот на бест-селерот од Волфсбург.

  • 1.6-литарски турбо-дизел, четири цилиндри
  • Моќност: 115 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 250 Nm / 1500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 198 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.2 секунди
  • Должина: 4255 mm
  • Ширина: 1790 mm
  • Висина: 1492 mm
  • Тежина: 1226 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2637 mm
  • Багажен простор: 380 литри
  • Потрошувачка: 4.1 (официјална, комбинирана), 6.1 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Volkswagen Golf VII 1.6 TDI 115 Trendline – 21.145 Евра
    Повеќе информации: Volkswagen.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски