Сподели! ;)

Citroen C3 Aircross, новата Ford Fiesta, новата Honda Civic, Opel Grandland X, новата SEAT Ibiza и Volkswagen T-Roc се финалистите за европскиот AUTOBEST 2018 – а признанија веќе добија SEAT, PSA и Toyota!


Жирито составено од 31 член ќе ја донесе својата финална одлука и ќе гласа во наредниве неколку недели, а победникот ќе биде прогласен на 15 декември.

„Овие шест извонредни автомобили годинава ги убедија членовите на жирито да ги номинираат во финалето. Значи, имаме шест финалисти за Best Buy Car of Europe in 2018“, рече Дан Варди, основач и претседател на AUTOBEST организација. Во согласност со правилата на AUTOBEST, жирито може да одлучи колку финалисти ќе има секоја година.

AUTOBEST го објави и логото European AUTOBEST 2018 Finalist. Шестте производители имаат право да го употребуваат во целокупната своја комуникација и промотивни кампањи во пресрет на прогласувањето на AUTOBEST 2018 победникот.

На 29 и 30 ноември, европското AUTOBEST жири ќе се собере на патеката Ваирано покрај Милано, Италија, за Final 6 тестирањата. „Како AUTOBEST ние ги изведуваме едни од најрелевантите и најкомплексни тестови спроведени од автомобилските медиуми. Минатата година ги воведовме нашите споредбени тестови на јавни патишта и затворена патека благодарение на одличната соработка со ASC Vairano, на тест-патеката на Quattroruote, водечката италијанска автомобилска ревија и член на AUTOBEST. Исто така воведовме и најнапредна форма на Q & A сесија во автомобилската индустрија”, наведе Илиа Селиктар, претседателот на AUTOBEST жирито.

ECOBEST 2016 наградата, европското водечко признание за најрелеванти еколошки производи, технологии и проекти, отиде во рацете на PSA за тестовите за реалната потрошувачка спроведени во соработка со Bureau Veritas, T & E и France Nature Environment (FNE). Ова е прв пат во индустријата производител на автомобили – PSA, да се здружи со три независни организации – Biro Veritas, France Nature Environment и Transport & Environment организацијата со седиште во Брисел, за применување научен пристап за мерење на потрошувачката во реални услови. Во период во кој доминира сомневањето дека повеќето од објавените податоци за потрошувачката не се блиску до реалноста, проектот на PSA ја покажува определбата на францускиот производител на автомобили да биде фер со своите клиенти.

Годинава DESIGNBEST наградата отиде кај Марек Рајхман, главниот дизајнер и главен креативен директор на Aston Martin Lagonda. Зачекорувајќи во оваа единствена алеја на славните резервирана само за најдобрите автомобилски дизајнери, Рајхман го доби ова европско признание за својата извонредна работа кај британскиот производител на автомобили. Дизајнерот на некои од најпознатите автомобилски икони од последната деценија, вклучувајќи неколку и за Џејмс Бонд, е еден од најталентираните и највлијателни на нашето време. Тој направи извонреден придонес за еволуцијата на Aston Martin од производител на луксузни автомобили во луксузен бренд, нудејќи многу производи, услуги и искуства.

SMARTBEST 2017 наградата ја доби SEAT за пионерската соработка со Alexa, прва во автомобилската индустрија. Иако не е ексклузивен, изборот на Amazon да стане партнер најпрво со SEAT во имплементирањето на светски познатата Alexa претставува значаен чекор во технологиите за поврзување на денешните автомобили. Тукушто започнатата соработка ќе оди многу подалеку од едноставното препознавање на глас присутно денес. Оваа соработка има шанса да ги промени правилата на игра во поврзаната иднина! AUTOBEST жирито се гордее што ја додели SMARTBEST наградата – првата во светот посветена на поврзаните технологии – на шпанскиот производител на автомобили SEAT, кој како бренд е фокусиран на овој мегатренд.

Престижната SAFETYBEST награда годинава ја освои Toyota за тоа што го направи својот напреден Safety Sense систем стандарден кај речиси сите свои автомобили. Овој потег донеси високо ниво на активна безбедност кај скоро сите автомобили што се продаваат низ Европа и во голема мерка е во согласност со уверувањата на AutoBest. Жирито е посебно импресионирано од темпото со кое Toyota го имплементираше овој широк безбедносен пакет во својата гама. Веќе сега повеќе од девет од десет автомобили – 92 проценти да бидеме прецизни – што се продаваат во Европа се опремени со Toyota Safety Sense. Оваа бројка вклучува 100 проценти од прифатливиот Yaris, кој ги доби Pre-Collision системот со автономно итно сопирање, автоматски долги светла, предупредување за напуштање на коловозната лента и безбедносни појаси на задните седишта со ограничувачи на силата и затегнувачи. Сите освен основниот модел исто имаат и препознавање на сообраќајните знаци и го предупредуваат возачот ако го надмине дозволеното ограничување на брзината.

Членовите на AUTOBEST жирито претставуваат 31 европска земја, сочинувајќи го најголемото независно автомобилско жири во светот според бројот на застапени држави.
AUTOBEST жирито исто така посветува внимание и на напорите што автомобилската индустрија ги прави. Инвестициите, новите можности за работа на луѓето, трошењето средства за еколошки автомобили и технологии, поддршка на различни региони во Европа и сличните активности внимателно се следат и оценуваат од страна на жирито. И новите технологиите во автомобилите и можноста за поврзување исто така се под лупа на жирито. Вкупно осум награди се посветени на споменатите достигнувања: MANBEST, COMPANYBEST, ECOBEST, DESIGNBEST, TECHNOBEST, SAFETYBEST, SMARTBEST и SPORTBEST. Денес AUTOBEST ги објавува првите четири. Останатите ќе бидат објавени подоцна.